Билатералната средба меѓу Путин и Вучиќ во Москва е нивна прва официјална средба по повеќе од три години од руската инвазија на Украина.
Србија, како кандидат за членство во Европската унија, одбива да ги почитува санкциите против Русија и покрај повиците од Брисел.
Путин рече дека „исклучително го цени“ доаѓањето на Вучиќ во Москва за прославата на Денот на победата во Втората светска војна – „иако се обидуваа да го убедат да не учествува и покрај сите логистички проблеми“.
Во пресрет на патувањето на Вучиќ во Русија, од Европската Унија стигнаа предупредувања дека тоа може негативно да се одрази на евроинтеграцијата на Србија, а некои земји му забранија на авионот на Вучиќ да лета над нивните територии на пат кон Москва.
Претседателот на Србија беше меѓу дваесетината светски лидери кои присуствуваа на воената парада во Москва по повод 80-годишнината од капитулацијата на нацистичка Германија.
Парадата ја осудија западните земји, нарекувајќи ја „пропаганда на Путин“ со која се обидува да ја оправда агресијата врз Украина.
На средбата на српската и руската делегација, Путин оцени дека „руско-српскиот дијалог се одвива доследно“ и дека раководствата на двете земји се во „редовен контакт“.
Сепак, тој изјави дека показателите за трговската размена меѓу Србија и Русија „не се оптимални“ и дека има намалување.
Тој посочи дека мора да се размисли како да се „надмине и да се смени“ оваа тенденција.
Тој побара српската страна „што е можно побрзо“ да го именува претседателот на руско-српската Меѓувладина комисија, наведувајќи дека од руска страна тоа е министерот за економски развој на Русија.
Путин потсети дека енергијата е клучна за трговската и економската соработка меѓу двете земји.
„Русија останува гарант за енергетската безбедност на Србија и обезбедува околу 85 отсто од енергетските потреби на Србија“, рече тој.
Како што потсети, испораките на природен гас во Србија одат преку Турски тек.
„Покрај тоа, Гаспром не само што е доверлив снабдувач, туку одговара и на барањата на српските пријатели и обезбедува дополнителни количини покрај оние што се предвидени во договорите. Ова создава сигурна основа за стабилна економска активност во Србија“, рече рускиот претседател.
Тој оцени дека на средбата ќе се разговара за сите прашања поврзани со соработката меѓу двете земји, за во иднина таа да биде уште подобра.
Осврнувајќи се на прославата на Денот на победата, Путин на средбата со Вучиќ рече дека 9 мај се слави како „заеднички руско-српски празник, бидејќи борците на двете земји рамо до рамо се бореа против нацистичките освојувачи“.
„Знаеме со колкава почит владата и народот на Србија се однесуваат кон споменот на паднатите борци за слободата на нашите земји“, рече Путин.
Тој оцени дека „пријателството на братските народи е формирано во тие сурови воени години“ и дека тоа претставува „сигурна основа“ на стратешкото партнерство меѓу Русија и Србија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија и Русија имаат добра соработка, но дека таа треба да се зголеми и зајакне во сите области.
„Знаете дека имаме витално прашање, а тоа е снабдувањето со гас. Нашиот долгорочен договор има многу добри услови и ви благодариме за тоа. И се надеваме дека ќе можеме да ги задржиме истите услови, ако е можно, или можеби дури и да ги подобриме, ако можам така да кажам“, рече Вучиќ, обраќајќи им се на Путин и неговата делегација на руски јазик.
Договорот со Русија, од чиј гас доминантно зависи Србија, е пред истек и, како што рече Вучиќ, почнуваат преговорите за негово продолжување.
Вучиќ се согласи со оценката на Путин дека двете земји треба да ја зголемат трговската размена, додавајќи дека за тоа има големи можности.
Вучиќ му се заблагодари на Путин за неговиот „исклучителен придонес“ за развојот на билатералните односи, како и за неговата „огромна поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Србија“.
Русија ја поддржува Србија во оспорувањето на независноста на Косово и членството на државата во меѓународните организации.
Вучиќ нагласи и дека „заедничка задача“ на двете земји е „да не дозволат ревизија на историјата“.
Тој додаде дека Денот на победата во Втората светска војна „е важен ден за Србите“.
„Ние сме горди на улогата на нашиот народ во ослободувањето на нашата земја од нацистичките освојувачи и благодарни сме на Црвената армија, на советската армија, што одигра голема улога во тоа ослободување“, рече Вучиќ.
По средбата со Путин, претседателот на Србија рече дека со него разговарал и за притисоците за воведување санкции кон Русија, како и врз Нафтената индустрија на Србија во мнозинска сопственост на Русија, на која САД ѝ воведоа санкции.
На Инстаграм по средбата на двете делегации напиша дека „на Путин му повторил дека Србија е на европскиот пат, но дека не се откажува од традиционалните пријатели“.
„Затоа што токму оваа доследност е еден од темелите на сериозната и одговорна политика што ја водиме“, заклучи Вучиќ.
Покрај Вучиќ, единствените европски лидери кои присуствуваа на воената парада беа словачкиот премиер Роберт Фицо и претседателот на Република Српска Милорад Додик, двајцата блиски до Кремљ.