Откако Западот воведе невидени економски санкции кон Русија, а војската на Путин се мачи со продорот во Украина, рускиот претседател почнал да беснее против своите подредени и покрај фактот дека и понатаму е изолиран од остатокот од Кремљ, делумно и поради загриженоста од коронавирусот, велат извори од Ен-би-си.
„Се работи за некој кој очигледно е изненаден од силата на украинскиот отпор. Тој е изолиран и не поминува многу време во Кремљ“, рече сенаторот Марк Ворнер, претседател на конгресниот одбор за разузнавачките служби.
„Загрижен сум бидејќи е во тесно и нема очигледен излез“, додаде Ворнер.
Западните разузнавачки служби во моментов имаат добар увид во постапките на Путин и внимателно следат сè што прави за да видат евентуални отстапувања во однесувањето, изјавија за Ен-би-си неколку сегашни и поранешни функционери. Четворица американски функционери рекоа дека нема информации кои велат дека Путин е ментално нестабилен, но рекоа дека тој во повеќе наврати се однесувал поинаку отколку во историјата.
Америка располага со „солидни“ податоци дека Путин е фрустриран и покажува необични изливи на гнев кон луѓето во својот тесен круг поради ситуацијата со инвазијата на Украина и глобалната осуда на неговиот потег, изјавија еден поранешен и двајца сегашни функционери упатени со најновите разузнавачки податоци.
„Ова е невообичаено бидејќи Путин инаку не покажува емоции. Тој повеќе не е оној ладнокрвен диктатор каков што беше во 2008 година“, изјави поранешниот директор на ЦИА Џон Бренан.
Западен дипломат рече дека Путин се чини се поизолиран и се полошо информиран. „Нашата главна грижа се информациите што ги добива и колку е изолиран. Изолацијата е најзагрижувачка. Не веруваме дека има реални информации за тоа што се случува“, рече тој.
„Стариот Путин беше ладнокрвен и пресметан убиец. Новиот Путин е уште поопасен“, напиша сенаторот Марко Рубио на Твитер.
Ворнер, кој, како и Рубио, прима специјални извештаи од ЦИА, рече дека е загрижен поради големиот хакерски напад врз Украина што Русите сè уште не можеле да го изведат или не биле способни да го изведат.
„ОПАСНОСТ. Путиновиот легитимитет е изграден на имиџот на силен лидер кој ја врати Русија во позиција на суперсила по катастрофите во 1990-тите. Сега економијата му е упропастена, војската му ја понижуваат и единствените алатки што му останаа на располагање за да го врати балансот на моќта со Западот се хакерски напади и нуклеарно оружје“, напиша Рубио на Твитер.
Бренан вели дека истото го загрижува и него. Судејќи според објавите на разузнавачките информации кои ги предвидеа Путиновите потези пред инвазијата, Бренан рече дека верува оти американските и другите разузнавачки служби имаат добар увид во начинот на кој Путин донесува одлуки.
„Ова е толку лошо пресметан потег на Путин. Никогаш не се соочил со вакво нешто. Сигурен сум дека е бесен на своите советници, министри и други. Доби тешки удари на бојното поле, но и на финансискиот фронт и сега веќе нема добри опции“, рече Бренан.
Аналитичарот на тинк-тенкот ЦНА, Мајкл Кофман, напиша дека руската војска е „првенствено артилериска војска и досега икористила само мал дел од огнената моќ што ја поседува“.
„За жал, очекувам дека она најлошото допрва ќе дојде. Оваа војна може да стане многу, многу полоша“, напиша Кофман на Твитер.






