понеделник, 30 март 2026

Путин до Макрон: Продолжуваме да се бориме против националистите во Украина, ќе ги постигнеме нашите цели

Објавено на

часот

Сподели

Во телефонскиот разговор во четвртокот наутро, Путин му рекол на Макрон дека „бескомпромисно“ ќе ја продолжи борбата против „националистите“ во Украина, соопшти Кремљ, пренесува АФП.

Путин кажал дека секој обид на Киев да ги одложи преговорите ќе ја наведе Москва да додаде уште ставки на својот список со барања.

Елисејската палата претходно објави дека францускиот претседател Емануел Макрон телефонски разговарал со Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Разговорот со Путин траел час и половина, по што Макрон му се јавил на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Ројтерс ја пренесе изјавата на француски функционер дека Макрон му рекол на Путин дека „прави голема грешка“ во Украина, дека се залажува за владата во Киев и дека војната долгорочно скапо ќе ја чини Русија.

„Немаше ништо во она што го кажа претседателот Путин што можеше да нè убеди“, рече советникот на францускиот претседател, додавајќи дека Путин ја повторил својата „приказна“ дека бара „денацификација на Украина“.

„Се лажете самите себеси“, му рекол Макрон на Путин, рече функционерот. „Тоа скапо ќе ја чини вашата земја, вашата земја ќе заврши изолирана, ослабена и под санкции на многу долго време“.

Обраќајќи ѝ се на нацијата во средата, Макрон рече дека „претседателот Путин е тој што ја предизвика војната со прегазување на сите меѓународни принципи и ветувања“. Тој го пофали Зеленски како олицетворение на „честа, слободата и храброста“.

„Ова не е само војна меѓу Западот и Русија, како што некои веруваат. НАТО нема воена база во Украина, тоа се лаги. Русија не е загрозена, таа е агресор. Ова не е ниту војна против нацизмот… тоа е лага“, додаде Макрон.

Во својот говор Макрон истакна и дека сака да продолжи да разговара со Путин. „Ние не сме во војна со Русија“, рече тој.

„Одлучив да останам во контакт со претседателот Путин и неуморно ќе продолжам да правам сè што е потребно за да го убедам да се откаже од вооружените сили“, додаде Макрон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ