Тој рече дека постои голема веројатност да избие војна што ќе донесе огромни жртви, иако би било „лудост“ да се прифати таков конфликт.
„Пред сè, се потпираме на себе, но не исклучуваме дека ќе бидеме принудени да се свртиме кон Русија доколку Украина, со поддршка на западните земји, премине одредена линија“, изјави Пушилин за Ројтерс.
Конфликтот во источна Украина трае повеќе од седум и пол години, а за тоа време, според податоците на ОН, загинале повеќе од 13.000 луѓе.
САД и западните сојузници ја обвинуваат Русија дека подготвува инвазија на Украина, додека Москва тоа го негира и бара гаранции дека НАТО нема да се шири понатаму на исток.
Пушилин рече дека проруските сили имаат недостатоци во вооружувањето кога станува збор за електронското војување, противвоздушната одбрана и способноста да се спротивстават на беспилотните летала на украинската армија од турско производство.
Тој рече дека не биле во контакт со Русија во однос на обезбедувањето оружје, но дека ја забележал, како што рече, важната изјава на политичарите од владејачката партија во рускиот парламент минатиот месец, кои рекле дека Москва треба да им испорача одредени видови оружје на проруските сили во Доњецк и соседен Луганск.






