Кога корисниците на Грок ќе изберат да споделат транскрипт од својот разговор, се создава единствена врска. Сепак, покрај споделувањето на разговорот со избраната личност, функцијата се чини дека ги направила сите тие разговори достапни за пребарување на интернет.
Брзата проверка на Гугл покажа дека пребарувачот индексирал речиси 300.000 разговори со Грок. Технолошкиот портал Форбс, кој прв го пријави проблемот, даде уште поголема бројка од над 370.000 разговори на корисници.
Јавно достапните транскрипти прегледани од Би-би-си вклучуваат примери во кои корисниците го замолиле четботот на Маск да креира безбедни лозинки, да обезбеди планови за исхрана за слабеење и да одговори на детални прашања за здравствени состојби.
Некои од индексираните разговори откриваат и како корисниците се обидувале да ги тестираат границите на она што Грок би го кажал или направил. Во еден таков случај, четботот дал детални упатства за тоа како да се произведе дрога од класа А во лабораторија.
Ова не е прв пат разговорите на корисниците со АИ четботовите да станат достапни за јавноста спротивно од планираното. И Опен АИ неодамна го прекина „експериментот“ во кој споделените разговори од Чет ГПТ се појавувале во резултатите при пребарувањето.
Во тоа време, портпарол за Би-би-си њуз изјави дека „тестирале начини за полесно споделување корисни разговори, додека корисниците ја задржувале контролата“. Тие нагласија дека разговорите се приватни според зададените поставки и дека корисниците морале експлицитно да се согласат да ги споделат.
Порано оваа година, Мета се соочи и со критики откако разговорите со нејзиниот четбот Мета АИ се појавија во јавниот канал „откриј“ на апликацијата.
Додека податоците за корисничката сметка во споделените транскрипти можат да бидат анонимизирани, самите барања можат да содржат и откријат лични и чувствителни информации. Експертите велат дека случајот ги истакнува растечките загрижености за приватноста на корисниците.
„АИ четботовите се катастрофа за приватноста во развој“, изјави за Би-би-си проф. Лук Роше, вонреден професор на Оксфордскиот интернет институт. Тој рече дека „протечените разговори“ од четботовите откриваат информации за корисниците, од целосни имиња и локации до чувствителни детали за нивното ментално здравје, бизниси или лични врски.
„Откако ќе се објават онлајн, тие разговори ќе останат таму засекогаш“, додаде тој.
Кариса Велиз, вонреден професор по филозофија на Институтот за етика во вештачката интелигенција на Универзитетот во Оксфорд, го дели истото мислење. Таа смета дека е „проблематично“ што на корисниците не им е јасно кажано дека нивните споделени разговори ќе се појават во резултатите од пребарувањето. „Нашата технологија дури и не ни кажува што прави со нашите податоци и тоа е проблем“, заклучи таа.






