Аудио снимките, објавени од конзорциум од истражувачки медиуми, се најновите во серијата протечени разговори кои наводно покажуваат како владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан дејствувала во корист на руските интереси и ги поткопала напорите на Европската Унија да ѝ помогне на Украина.
Ројтерс не можеше независно да ја потврди автентичноста на снимките, но унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто претходно изјави дека прислушувањето на неговите телефонски разговори е „огромен скандал“, а Орбан наложи истрага по тој повод.
Објавувањето на снимките доаѓа само неколку дена пред изборите на кои Орбан се соочува со најтешкиот предизвик во текот на своето 16-годишно владеење. Независни истражувања на јавното мислење покажуваат дека неговиот проевропски ривал е на пат кон победа во недела, што би можело да ја оддалечи Будимпешта од Москва.
„Ќе ви го испратам тоа. Не е проблем“, вели унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во еден од разговорите, откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров наведува дека Москва се обидува да дојде до документ за улогата на малцинските јазици во преговорите на Украина за пристапување во ЕУ.
Не е јасно за кој точно документ станува збор ниту дали тој е јавно достапен.
Организацијата Висквер, со седиште во Варшава, објави снимка од уште еден разговор меѓу Сијарто и Лавров во март.
Претставник на Висквер тогаш изјавил за Ројтерс дека тој медиум независно ја потврдил автентичноста на снимените записи до кои дошол, користејќи извори од повеќе од една земја и со помош на надворешни експерти за анализа на звук.
Разговорите во трите снимки објавени денеска, имаат пријателски тон.
„Сѐ најдобро, пријателе“, вели Лавров на крајот од разговорот за свикување на меѓувладината економска комисија во Будимпешта. „Кога и да ви затреба нешто, стојам на располагање“, одговара Сијарто.
Другите разговори, претставени во писмена форма, се однесуваат на подготовките за посетата на Орбан на Москва во 2024 година, кога Унгарија претседаваше со ЕУ, како и на блокирањето на нов пакет санкции на Европската Унија кон Москва во 2025 година поради инвазијата врз Украина.
Во третата снимка, Сијарто бара од Лавров детали за тоа за што се разговарало на состанокот на претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин на Алјаска во 2025 година.
Сијарто често патувал во Москва откако Русија во 2022 година започна инвазија врз Украина во целосен обем. Тој се сретна со Путин на 4 март за да разговараат, меѓу другото, за испораките на нафта.
Одговарајќи на критиките дека ги поткопува напорите на ЕУ да ѝ помогне на Украина, Орбан вели дека неговата цел е да ја држи Унгарија подалеку од војна и да ги заштити нејзините интереси.






