„Нашето пријателство достигна толку високо ниво што можам да ви помогнам на кој било начин“, му рекол Орбан на Путин во повик на 17 октомври минатата година, според транскриптот од унгарската влада во кој увид имал Блумберг. „Во сè во што можам да ви помогнам, ви стојам на располагање.“
Споредбата глушец-лав беше референца на позната басна во која мало животно ослободува моќен предатор од стапица откако тој претходно му го поштедил животот. Содржината на разговорот, кој траел помалку од 15 минути, претходно не беше објавена јавно и дава редок увид во тонот и суштината на директната комуникација меѓу двајцата лидери.
Централна тема на разговорот беше можноста Унгарија да биде домаќин на состанок на високо ниво меѓу Русија и САД. Орбан изрази подготвеност да помогне во подготовката на таков самит во Будимпешта, што во тоа време се разгледуваше.
Путин, според транскриптот, го изложи можниот пат кон состанокот, почнувајќи со прелиминарни разговори меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио. Рускиот лидер, исто така, предложи вклучување на унгарскиот министер за надворешни работи во процесот.
Путин ја опиша Унгарија како една од ретките европски земји прифатливи за вакви разговори, истакнувајќи дека е „можеби единствената“ одржлива опција во околностите.
Разговорот исто така откри висок степен на меѓусебно почитување. Орбан го опиша својот однос со Путин како таков што се продлабочил со текот на времето, додека рускиот лидер го пофали „независниот и флексибилен“ став на Унгарија за војната во Украина.
Разговорот започна со тоа што Орбан му честиташе на Путин за роденденот и заврши во личен тон, со краток разговор за здравјето и секојдневните рутини на двајцата лидери. Лице запознаено со ова прашање потврди за Блумберг дека транскриптот е автентичен.
Иако предложениот самит во Будимпешта на крајот не се одржа, разговорот ја нагласува подготвеноста на Унгарија да се позиционира како посредник во разговорите со Русија, дури и кога повеќето европски земји се дистанцираат од Москва.
Ваквиот увид во приватната комуникација доаѓа во време кога Орбан јавно вети дека ќе го блокира европското финансирање за Украина. Тој став, рече тој, ќе остане на сила сè додека Киев не го врати протокот на руска нафта преку нафтоводот Дружба, опишувајќи ја ситуацијата како политички избор на украинските власти, а не како технички проблем.
Следниот викенд ќе се одржат изборите каде, според анкетите, Орбан би можел да ја изгуби власта во Унгарија по 16 години. Тој ја сведе целата изборна кампања на напади врз Украина и Володимир Зеленски.






