Двете страни се обвинуваат меѓусебно за судирите што го прекршија кревкото примирје постигнато во јули од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, пишува Би-би-си.
Според Министерството за одбрана во Пном Пен, тајландските сили отвориле оган врз граничната покраина Бантеј Минчи по полноќ во вторник, убивајќи двајца цивили на пат. Претходно, во тајландското гранатирање во покраините Преах Вихер и Одар Минчи се убини четворица камбоџански цивили, изјави камбоџанскиот министер за информации Нет Фектра.
Тајланд, од друга страна, тврди дека неговите трупи само одговарале на камбоџанскиот оган во тајландската покраина Убон Рачатани, започнувајќи и воздушни напади по должината на спорната граница. Портпаролот на тајландското Министерство за одбрана, контраадмиралот Сурасан Конгсири, нагласи дека нивните операции биле насочени исклучиво кон воени цели.
Влијателниот поранешен камбоџански премиер Хун Сен изјави на Фејсбук дека камбоџанските сили возвратиле „синоќа и утрово“, тврдејќи дека биле „трпеливи повеќе од 24 часа за да го почитуваат прекинот на огнот“. „Нашите сили мора да се борат на сите точки каде што напаѓа непријателот“, напиша тој. Неговата влада исто така го обвини Тајланд за употреба на тенкови и отровен гас, обвинувања што се упатени и претходно, но се покажаа како неосновани.
Тајландските власти потврдија дека во утринските воздушни напади погодиле казино комплекс во Камбоџа, за кој рекоа дека служел како „команден центар за беспилотни летала“. Не е познато дали имало луѓе во зградата во времето на нападот, а камбоџанските власти не го коментирале инцидентот.
Илјадници луѓе од двете страни на границата се раселени поради нови борби, а граничните заедници живеат во постојан страв. „Навистина е агонија – цело време сум загрижен “, изјави за Би-би-си Таи жител на тајландската покраина Си Са Кет. Локалната жителка Прани Ра-нгабпаи објаснува дека нејзината фарма и дом се блиску до конфликтот и дека „многу јасно го слушале пукањето“. „Тоа влијае на нашиот начин на живот“, додаде таа.
Додека многу семејства се евакуираа, 49-годишниот земјоделец Сутиан Пјучан одлучи да остане во своето село за да ги чува домовите на своите соседи и да се грижи за нивниот добиток. „Решив да останам за да го заштитам имотот бидејќи селаните се плашат од грабежи“, рече тој, додавајќи дека пукањето одекнувало континуирано од раните утрински часови.
Најмалку три болници во тајландската покраина Убон Рачатани и две во покраината Сурин се затворени поради конфликтот. Властите ги пренасочуваат пациентите кон привремени клиники. УНИЦЕФ исто така изрази загриженост, велејќи дека „безбедноста и благосостојбата на децата мора да бидат на прво место“.
Ова е најсериозната ескалација од јули, кога десетици луѓе загинаа во петдневните судири. Борбите го ставија на тест мировниот договор потпишан во октомври во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во тоа време тврдеше дека тоа е историски успех, што доведе до тоа Камбоџа дури и да го номинира за Нобелова награда за мир.
Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул изјави дека „ќе ги искористи потребните средства за да го зачува суверенитетот на Тајланд“, додека поранешниот камбоџански премиер Хун Сен рече дека тајландските „освојувачи“ ги испровоцирале неговите сили на одмазда.
Во јуни, тогашната тајландска премиерка Паетонгтарн Шинаватра беше сменета откако беше објавен нејзиниот телефонски разговор со Хун Сен, во кој таа го нарече „вујко“ и го критикуваше тајландскиот воен командант. Скандалот доведе до нејзин пад во август, само неколку недели по претходните смртоносни судири.






