Британската нација денеска ќе добие блиц-поглед кон кралската иднина, вели Би-би-си.
Кралицата Елизабета досега само два пати го има пропуштено државното отворање на Парламентот, кога беше бремена со принцот Ендрју и со принцот Едвард.
Сега, 59 години откако последен пат не можеше да присуствува на свеченото отворање на Парламентот, таа побара од своите наследници да го заземат нејзиното место, барем за оваа година.
Според законот, таа можела должноста да му ја предаде на кој било од „државните советници“.
Ова го вклучува сопружникот, покојниот војвода од Единбург, и следните четири лица во редот на наследство што се постари од 21 година, а тие моментално се принцот од Велс, војводата од Кембриџ, војводата од Сасекс и војводата од Јорк.
Отсуството на кралицата Елизабета не е неочекувано, бидејќи со недели во јавноста се поставуваат прашања дали таа би можела да го направи тоа. 96-годишната монархиња има проблеми со подвижноста и мораше да откаже голем број неодамнешни јавни настапи. Во последниве месеци, самата кралица призна дека едвај оди, а кога се зарази со коронавирусот, се зголеми и загриженоста за нејзиното здравје.
Бакингемската палата нагласи дека синот и внукот на кралицата заедно ќе го отворат Парламентот како државни советници.
Денешниот ден е „огромен момент“ за принцот Чарлс бидејќи првпат ќе го одржи говорот на кралицата, вели Емили Неш, кралска уредничка во списанието Хелоу. Тој ја извршува можеби „најважната функција што ја има кралицата“, вели таа, додавајќи дека принцот Вилијам ќе гледа со „голем интерес“.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=w8HiDl0u2L4 autoplay:0]





