„Редот е во целост воспоставен во Казахстан. Заканите по безбедноста на државата се целосно избегнати“, кажа Токаев на видео-конференцијата на Организацијата на договорот за заедничка безбедност (ОДКБ), здружението на Русија, Ерменија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан.
ОДКБ, исто како НАТО пактот, има член на договорот кој одредува дека напад врз една претставува напад врз сите членки.
Токаев кажа дека антитерористичката операција наскоро ќе заврши, додавајќи дека се случил „обид за државен удар“ со планирани и координирани напади врз центрите на регионалните власти, силите за безбедност и затворите.
Казахстан, земја која граничи со Русија и Кина и е голем произведувач на енергенси, една недела беше погоден од немири кои од протести поради растот на цените на горивата прераснаа во антивладини протести.
Покрај мирните протести се одржаа и насилни собири, особено во најголемиот град Алмати.
Токаев прогласи вонредна состојба, ја распушти владата и ѝ нареди на војската да пука во насилните демонстранти без предупредување.
Рускиот претседател Владимир Путин на состанокот на ОДКБ кажа дека немирите не се предизвикани од незадоволството поради цените на горивата, туку поради „деструктивните сили кои ја искористуваат ситуацијата“.






