Соединетите Држави беа ангажирани во последниве недели во дипломатски активности со Русија околу прашањето за Украина. Западните земји стравуваат дека Москва планира нов напад врз Украина, која ја нападна во 2014 година и го анектираше Крим. Русија го негира ова, но вели дека може да преземе неодредена воена акција доколку не ѝ се исполнат безбедносните барања.
Паралелно, украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба рече дека разговарал со американскиот државен секретар Антони Блинкен за разговорите со Русија од оваа недела. „Добро е да се знае дека дипломатскиот пат на контакти со Русија останува активен“, напиша Кулеба на Твитер.
Русија вчера му се закани на Западот со „најсериозни последици“ доколку продолжи да ја игнорира нејзината „легитимна загриженост“ поради воените засилувања на САД и НАТО во Украина и на границите на Русија. Тој став му беше пренесен на Блинкен, кој во петокот во Женева се сретна со рускиот колега Сергеј Лавров.
„Антони Блинкен беше јасно информиран дека понатамошното игнорирање на легитимната загриженост на Русија, првенствено поради тоа што Соединетите Американски Држави и нивните сојузници во НАТО воено ја користат територијата на Украина, во контекст на распоредување големи сили и средства на Алијансата во близина на нашите граници, ќе има најсериозни последици“, порача Москва.
На состанокот, Русија, исто така, инсистираше на „воспоставување директен дијалог“ меѓу Киев и проруските сепаратисти во источна Украина, каде што повеќе од 13.000 луѓе загинаа во војната од 2014 година.






