„Време е да се договориме за прекин на судирот, а ние сме спремни на потребните одлуки за време на новиот самит на лидерите на четирите земји“, соопшти Зеленски.
Во истото соопштение шефот на кабинетот на Зеленски Андреј Јермак кажа дека Киев сака да договори мерки како воведување примирје и повеќе размени на заробеници.
Преговорите во нормандискиот формат би требало да помогнат во прекинување на конфликтот на истокот на Украина меѓу Киев и проруските бунтовници, но заглавија во ноември поради различните мислења како треба да се продолжи.
Од тогаш Русија размести речиси 100 илјади војници на својата граница со Украина. Истакнува дека не се подготвува за инвазија, туку сака Западот да ја прекине својата воена поддршка на украинската влада и бара гаранции дека НАТО нема да се шири на исток.
Високи француски и германски дипломати минатата недела беа во Москва за да се обидат да го заживеат нормандискиот формат.
Француски претставник кажа вчера дека се надева дека месецов ќе се одржи средба, откако Киев навести дека е спремен на одредени политички отстапки за да се придвижат преговорите.
Тој истакна дека главниот руски преговарач Дмитриј Козак дал зелено светло за продолжување на преговорите и дека истото го направиле и Зеленски и Јермак.
„Тешкотиите остануваат. Немаме никакви илузии, но мислиме дека можеме да го одржиме првиот состанок на советници во нормандискиот формат до крајот на јануари“, изјави функционерот кој барал да остане анонимен.






