Тензиите ескалираа по американскитe напади врз Венецуела и апсењето на Николас Мадуро, по што Трамп рече дека воена операција насочена кон Колумбија „звучи добро“. Трамп исто така постојано му кажуваше на Петро да „си внимава на задникот“, потег што колумбискиот претседател остро го осуди.
Петро отиде чекор понатаму, обвинувајќи ги агентите на американската Имиграциска и царинска служба (ИЦЕ) дека се однесуваат како „нацистички бригади“. Администрацијата на Трамп значително ги прошири операциите на ИЦЕ како дел од она што го нарекува борба против криминалот и имигрантите кои нелегално влегле во САД.
Оваа недела, тензиите дополнително се зголемија кога американски имиграциски агент застрела и уби 37-годишна американска државјанка во Минеаполис, предизвикувајќи протести.
Петро го коментираше настанот со зборовите: „ИЦЕ достигна точка каде што повеќе не само што ги прогонува Латиноамериканците на улиците, што е навреда за нас, туку убива и граѓани на Соединетите Американски Држави“. Тој додаде дека таквото однесување ги води САД во изолација, наместо во остварување на „империјалниот сон“.
И покрај острата реторика, Трамп и Петро разговараа по телефон во среда вечерта. Трамп потоа најави средба во Белата куќа во „блиска иднина“ и го опиша разговорот како „голема чест“. Еден колумбиски функционер дури рече дека разговорот претставува пресврт од 180 степени во реториката „од двете страни“.
Сепак, тонот на Петро во интервјуто за Би-би-си сугерира дека односите не се значително подобрени. Тој потврди дека повикот траел речиси еден час и дека „поголемиот дел од времето зборувал тој“, а темите биле „колумбиската трговија со дрога“, ставот на Колумбија за Венецуела и односите меѓу Латинска Америка и САД.
На прашањето како Колумбија би се одбранила во случај на американски напад, Петро одговори дека би „преферирал дијалог“ и „би работел на него“. Сепак, тој додаде: „Историјата на Колумбија покажува како таа реагирала на големи војски. Не станува збор за соочување со голема војска со оружје што го немаме. Дури немаме ни противвоздушна одбрана. Наместо тоа, се потпираме на нашите планини и џунгли, како што отсекогаш сме правеле“.
Како најголем производител на кокаин во светот, Колумбија е во центарот на глобалната трговија со дрога. Трамп го обвини Петро дека е „болен човек кој сака да прави кокаин и да го продава на Соединетите Држави“. Петро ги отфрли тврдењата, нагласувајќи: „20 години се борам против нарко-картелот, по цена што моето семејство мораше да оди во егзил“.
Поранешен герилец, Петро, откако ја презеде функцијата, следеше стратегија на „тотален мир“, давајќи приоритет на дијалогот со вооружените групи. Критичарите тврдат дека пристапот е премногу благ со оглед на рекордното производство на кокаин. Петро се брани, тврдејќи дека растот на одгледувањето кока се забавува и дека тој применува „два истовремени пристапи“: „Едниот, разговор за мир со групи кои се бандити. И другиот, развивање воена офанзива против оние кои не сакаат мир“.






