сабота, 20 декември 2025

Премиерот на Република Српска поднесе оставка

Премиерот на Република Српска Радован Вишковиќ денес поднесе оставка, наведувајќи дека тоа била негова доброволна одлука по нешто помалку од седум години на функцијата.

Фото: Википедија

Објавено на

часот

Сподели

„Одлучивме да се бира нова влада на РС“, изјави Вишковиќ за новинарите, придружуван од Додик и членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ. Тој рече дека очекувал да ја напушти премиерската функција уште откако бил назначен во 2018 година, додавајќи дека оставката е негов придонес за постигнување консензус во РС.

Тој тврди дека нема кавга или конфликт меѓу него и Додик и најави дека ќе остане лојален член на СНСД и ќе го прави тоа сè додека партијата не ја постигне својата крајна цел, а тоа е РС како држава. Вишковиќ е член на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), партија предводена од Милорад Додик, кој беше отстранет од функцијата претседател на РС со одлука на Централната изборна комисија на БиХ.

По ова разрешување и пресудата на Судот на БиХ во која беше осуден на една година затвор, Додик безуспешно ја повикуваше опозицијата во ентитетот да учествува во владата на национално единство. Оставката што ја објави Вишковиќ веднаш беше протолкувана од опозициските партии и медиумите како уште еден маневар за остварување на ова сценарио.

Додик денес го потврди ова, велејќи дека жали што опозицијата ги отфрлила неговите повици и најави дека на Вишковиќ ќе му биде доделена директорска позиција. Тој повтори дека РС е под напади, рече дека Дејтонскиот договор е прекршен на штета на тој ентитет и повторно се закани со сценарија во кои РС би се отцепила од БиХ.

„Во овој момент, БиХ е непостоечка држава за нас“, рече Додик. Заедно со Додик и претседателот на Парламентот на ентитетот, Ненад Стевандиќ, Вишковиќ се соочува со истрага од страна на Обвинителството на БиХ, кое го сомничи за напад врз уставниот поредок на БиХ, бидејќи неговата влада е автор на низа неуставни закони со кои во РС се направи обид да се оспори делувањето на државните судски органи и безбедносните агенции. По нив е издадена потерница и налог за апсење бидејќи одбија да одговорат на поканите за сослушување како дел од таа истрага.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ