Предлог-законот што го предложи премиерот на Нов Зеланд, кој мора да им биде презентиран и на неговите партнери во владејачката коалиција, ќе ги обврзе платформите да преземат мерки за да им спречат пристап на лицата под шеснаесет години. Текстот на предлогот предвидува казни до приближно еден милион евра за компаниите што нема да ја исполнат оваа обврска. Во овој момент, сè уште не е познато на кои платформи ќе се однесува законот.
Сличен закон беше донесен во ноември од страна на парламентот во Австралија, земја која е предводник во регулирањето на социјалните мрежи за заштита на децата. Австралискиот закон беше критикуван од големите компании за социјални медиуми, тврдејќи дека би можел да ги турне децата и младите кон алтернативни, опасни платформи.
„Време е Нов Зеланд да признае дека социјалните медиуми, и покрај сите добри работи што ги носат, не се секогаш безбедно место за нашите млади“, рече Луксон во изјава за новинарите. „Време е одговорноста да се префрли на овие платформи да ги заштитат ранливите деца од штетна содржина“, додаде тој.
Луксон не кажа кога предлогот ќе биде презентиран пред парламентот. „Станува збор за заштита на нашите деца. Станува збор за осигурување дека компаниите на социјалните медиуми ќе ја одиграат својата улога и ќе ја обезбедат сигурноста на нашите деца“, додаде тој.
Текстот на законот го изготви неговата политичка партија, Националната партија на Нов Зеланд (десен центар), а за да биде усвоен, ќе мора да го поддржат и двете партии од владејачката коалиција.
„Како мајка на четири деца, верувам дека семејствата и родителите треба да имаат подобра поддршка кога станува збор за следење на изложеноста на децата на онлајн содржини“, рече пратеничката Кетрин Вед, која го напиша предлог законот.
Користењето на социјалните мрежи меѓу децата и младите предизвика загриженост во последниве години, особено во врска со времето што го поминуваат пред екраните и недостатокот на модерација на некои платформи.
Спроведувањето на австралискиот закон со кој се забранува пристапот до социјалните медиуми за лица под 16 години, кој треба да стапи на сила до декември, ќе биде внимателно следено во други земји, бидејќи неколку размислуваат за воведување слични ограничувања, вклучувајќи ги Нов Зеланд и Шпанија.
Од 2021 година, Кина им забранува на малолетниците пристап до социјалните медиуми и бара документи за идентификација. Лицата под 14 години не можат да поминуваат повеќе од 40 минути на ден на Дујин, кинеската верзија на Тикток, а на децата и младите исто така строго им е ограничено времето што го поминуваат играјќи онлајн игри.