понеделник, 22 декември 2025

Предупредување од ОН: 50% шанси за 5 години температурата да го надмине посакуваниот 1,5 степен

Објавено на

часот

Сподели

Со Парискиот договор за климатски промени во 2015 година, земјите во светот се согласија да го ограничат процесот на глобално затоплување значително под 2 Целзиусови степени во споредба со прединдустрискиот период (мерење помеѓу 1850 и 1900 година), по можност до 1,5 Целзиусов степен.

„Шансите глобалната температура да надмине 1,5 Целзиусов степен над прединдустриските нивоа во најмалку една година помеѓу 2022 и 2026 година се околу 50 отсто“, објави Светската метеоролошка организација на ОН во годишниот ажуриран билтен за климата.

Иако светските лидери во Парискиот договор ветија дека ќе спречат долгорочно надминување на прагот од 1,5 Целзиусов степен, тие досега не успеаја да ги намалат емисиите што доведуваат до глобално затоплување.

Поради актуелните активности во светот и актуелните политики, светот би можел да се загрее за околу 3,2 Целзиусови степени до крајот на веков, предупредуваат научниците од СМО, кои веруваат дека оваа веројатност се зголемува со текот на времето.

Просечна температура од 1,5 степен над прединдустриските нивоа во повеќегодишен период би значело прекршување на целта на Париз.

СМО, исто така, предупредува дека има 93 отсто шанси барем една година помеѓу 2022 и 2026 година да биде најтоплата досега, со што ќе се надмине неславниот рекорд поставен во 2016 година.

И шансите петгодишната просечна температура за периодот од 2022 до 2026 година да е повисока од измерената во последните пет години (од 2017 до 2021 година) исто така се 93 проценти.

Но, во исто време, тоа не значи дека светот ќе го надмине долгорочниот праг на затоплување од 1,5 Целзиусов степен, кој научниците го поставија како горна граница што ќе овозможи да се избегнат катастрофалните климатски промени.

„Една година надминување на температурите над 1,5 степени не значи дека сме го надминале прагот на Парискиот договор, но ни покажува дека се приближуваме до ситуација во која температурите од 1,5 степен би можеле да се пречекорат на подолг период“, рече Леон Хермансон од британската метеоролошка служба, кој го водел извештајот.

„Но, во исто време, студијата покажува дека сме поблиску до привремено постигнување на целите за пониски температури поставени со Парискиот договор“, рече главниот секретар на СМО, Петери Таалас.

„1,5 Целзиусов степен не е само случајна статистика. Тоа е показател за точката во која климатските влијанија ќе станат сè поштетни за луѓето, но и за целата планета“, рече тој.

Веројатноста за краткорочно пречекорување на температурите од 1,5 Целзиусов степен постепено се зголемува од 2015 година. Во 2020 година, научниците ги проценија таквите изгледи на 20 проценти и минатата година ги ревидираа на 40 проценти.

Научниците се согласуваат дека дури и една година во која температурите би се зголемиле за 1,5 степен може да има страшни последици, како што се уништување на коралните гребени или намалување на ледената покривка на Арктикот.

„Сѐ додека продолжуваме да испуштаме стакленички гасови, температурите ќе продолжат да растат. Покрај тоа, океаните ќе продолжат да стануваат потопли и покисели, морскиот мраз и глечерите ќе продолжат да се топат, нивото на морето ќе продолжи да расте и временските услови ќе стануваат сѐ поекстремни. Загревањето на Арктикот е непропорционално високо и она што се случува таму влијае на сите нас“, рече Таалас.

Кога станува збор за долгорочниот просек, просечната глобална температура сега е околу 1,1 Целзиусов степен повисока од прединдустрискиот просек. Годишната средна глобална температура за секоја година помеѓу 2022 и 2026 година се предвидува да биде помеѓу 1,1 и 1,7 степени повисока од прединдустриските нивоа.

„Загубите и штетите поврзани со климатските промени, вклучително и влошувањата, веќе се присутни, а некои од нив веројатно ќе бидат неповратни во скора иднина“, рече Макс Дили, заменик-директор за климатски промени на СМО.

„Важно е да се запамети дека штом ќе достигнеме просечна глобална температура од 1,5 Целзиусов степен, ќе имаме сѐ полоши климатски ефекти како што ќе се приближуваме до 1,6 и 1,7 Целзиусов степен, како и секое наредно зголемување“, рече Ким Коб, научник од Институтот за технологија на Џорџија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ