Извици „Алах Акбар“, запалени полициски автомобили и повредени полицајци, вака изгледаше периодот пред Велигден во повеќе градови низ Шведска оваа недела, откако властите ѝ дадоа на екстремно десничарската анти-миграциска група зелено светло за организирање митинзи, кои вклучуваа планови за палење на Куранот.
Немири избија во четвртокот во градот Линкопинг, каде толпи млади се судрија со полицијата, при што беа повредени тројца полицајци. Приведени се најмалку две лица.
Насилството беше предизвикано од одлуката на шведските власти да дадат дозвола за серија анти исламски собири. Организирани од Расмус Палудан дански политичар од екстремната десница, настаните на различни места низ Шведска требаше да го прикажат палењето на светата книга на исламот, Куранот.
Додека на Палудан и неговите поддржувачи првично им беше дозволено да го одржат својот митинг, тој на крајот мораше да се распушти поради „сериозната безбедносна ситуација“. Толпи демонстранти кои протестираа против екстремно десничарската група ја нападнаа полицијата со камења и запалија четири возила на органите на редот.
Ситуацијата била толку напната што полицијата во еден момент морала да испука предупредувачки истрели, како што потврди и портпарол на полицијата за шведските медиуми.
Додека локалната полиција првично зборуваше за четворица повредени полицајци и случаен минувач, подоцна ја ажурираше таа бројка, велејќи дека „околу десет колеги“ се здобиле со повреди. Полицијата ги опиша настаните во Оребро како „насилни немири“.
Во Стокхолм главниот град на Шведска се одиграа слични сценарија, како и во Малме и Норчепинг.
Во саботата во градот Ландскрона беа забележани немири, при што десетици млади запалија возила, гуми и корпи за отпадоци. Според локалната полиција, како резултат на тоа, никој од органите за спроведување ред и закон распоредени во градот не бил повреден. Официјалните лица забележаа дека тензиите постепено се намалуваат.
Шведските власти ја наведоа слободата на говорот како објаснување за нивната одлука да му дадат дозвола на Палудан за одржување на контроверзни собири низ целата земја.
Антиисламските настапи на Палудан и последователните немири се случија пред Велигден и во текот на месецот Рамазан.






