Клиентите бараат сместување на букинг.ком, а потоа го резервираат на веб-страниците на хотелите по поевтини цени, нагласи компанијата, забранувајќи ја таквата практика со клаузулата за „ценовен паритет“, објави Хрпортфолио.
Затоа хотелите често се обврзуваат во договорите со платформите за онлајн резервации на сместување да не нудат пониски цени на сопствените или веб-страниците на конкурентските платформи, прифаќајќи го принципот на ценовен паритет.
Во меѓувреме, ЕУ усвои закон за дигиталните пазари што им забранува договорни одредби за ценовен паритет на големите онлајн платформи, а Европскиот Суд на правдата (ЕСП) во септември минатата година истакна дека букинг.ком потенцијално ја ограничува конкуренцијата со договорно одредување на ценовен праг за хотелско сместување.
Ценовниот паритет не е од суштинско значење за економската одржливост на букинг.ком, предупредија судиите, но сепак не претставува повреда на прописите за пазарна конкуренција.
Хотелите сега поднесоа тужба во холандскиот суд, тврдејќи дека клаузулата за „ценовен паритет“ им предизвикала загуби.
„Европските хотелиери долго време се принудени да толерираат нефер услови за работење и прекумерни трошоци. Време е да се обединиме и да побараме надомест“, рече Александрос Василикос, претседател на здружението за угостителство ХОТРЕК.
Покрај ХОТРЕК, колективната тужба е поддржана од повеќе од 30 национални хотелски здруженија, координирани од Алијансата за хотелски побарувања. Тие имаат за цел да обезбедат надомест за штетите настанати помеѓу 2004 и минатата година.
Според студијата на ХОТРЕК и швајцарскиот факултет за хотелиерство, Букинг холдингс држел 71 процент удел од европскиот пазар во 2023 година, додека уделот на директните резервации значително се намалил во последните години.
Холандските здруженија за заштита на потрошувачите најавија тужба против букинг.ком на крајот на јуни, тврдејќи дека ги зголемувал цените на хотелското сместување од 2013 година.
Фондацијата за барања на потрошувачите (CCC) и Здружението на потрошувачи ги повикаа граѓаните кои претрпеле штета поради практиките на букинг.ком да им се придружат.
Букинг.ком со години наплаќа превисоки цени за хотелски соби, што им предизвикало на холандските потрошувачи штета од „неколку стотици милиони евра“, тврдат здруженијата.






