Двата инциденти се случиле во близина на центрите управувани од Хуманитарната фондација за Газа (ГХФ), која започна со работа кон крајот на мај. Владите на САД и Израел се обидуваат да го заменат застарениот систем за дистрибуција на помош во Газа управуван од ОН, тврдејќи дека милитантите на Хамас крадат залихи. ОН ги негира обвинувањата.
Палестинците биле убиени додека се собирале во областа Теина, околу три километри од центарот за дистрибуција на помош на ГХФ, источно од градот Кан Јунис. Болницата Насер во Кан Јунис соопшти дека примила 25 тела, заедно со десетици ранети.
Седум други лица, вклучувајќи една жена, биле убиени во областа Шакуш, стотици метри северно од друг центар на ГХФ во најјужниот град во Газа, Рафа. Бројот на жртви беше потврден и од Министерството за здравство.
Додека ГХФ тврди дека дистрибуирал милиони оброци на гладни Палестинци, локалните лекари и сведоци велат дека стотици се убиени од оган на израелската армија додека се обидувале да стигнат до дистрибутивните центри.
Армијата, која не е на локациите, но ги обезбедува од далечина, вели дека пука предупредувачки истрели само ако толпите се приближат премногу до нејзините сили.
ГХФ, која вработува приватни вооружени чувари, вели дека немало фатални пукања на нејзините локации, иако 20 лица беа убиени на едно од нивните места оваа недела, повеќето од нив во стампедо. Групата ги обвини агитаторите на Хамас за предизвикување паника, но не достави докази.
Повеќе од два милиони Палестинци во Газа страдаат од катастрофална хуманитарна криза, а територијата е на работ на глад.






