Новинар на АФП на местото на настанот бил сведок на тоа како затворениците како дел од протестот викаа до своите семејства собрани пред затворот „Слобода!“, „Ослободете нè сите!“ и „Родео еден штрајкува“ одекнувајќи надвор од ѕидовите на затворот.
Штрајкот со глад, кој започна во петокот навечер, дојде откако затворениците се пожалија дека законот не се однесува на нив бидејќи ги исклучува случаите поврзани со војската, кои се најчести во затворот.
„Вкупно има околу 214 лица кои штрајкуваат со глад, и Венецуелци и странци“, рече Јалица Гарсија, свекрва на затвореникот Нахуел Агустин Гало. Гало, аргентински полицаец, е обвинет за тероризам, што е исто така категорија ослободена од амнестијата.
„Тие одлучија да штрајкуваат со глад во петокот поради опсегот на законот за амнестија, кој ги исклучува многу од нив“, рече Шакира Ибарето, ќерка на полицаец уапсен во 2024 година.
Во неделата, тим од Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) го посети затворот Родео еден. „Ова е прв пат да ни дозволат пристап до овој затвор“, им рече на членовите на семејството Филипо Гати, координатор за здравство на МКЦК за Венецуела. „Тоа е прв чекор и мислам дека сме на вистинскиот пат“. Според роднините, не сите затвореници се приклучиле на штрајкот.
Законот за амнестија беше одобрен од Конгресот на Венецуела во четвртокот, како дел од серијата реформи поттикнати САД откако го соборија и уапсија поранешниот претседател Николас Мадуро на 3 јануари. Законот го изготви привремената лидерка Делси Родригез под притисок од Вашингтон.
Опозициските политичари го критикуваа новиот закон бидејќи се чини дека вклучува исклучоци за некои кривични дела што властите претходно ги користеа за да ги прогонуваат политичките противници на Мадуро. Законот исто така ги исклучува припадниците на безбедносните сили осудени за дела што владата ги смета за терористички.
Сепак, амнестијата се однесува на 11.000 политички затвореници кои се условно ослободени или во домашен притвор во текот на речиси три децении. Повеќе од 1.500 политички затвореници во Венецуела веќе поднеле барање за амнестија според законот, изјави претседателот на парламентот во саботата. Стотици други беа ослободени од владата на Делси Родригез и пред да биде одобрен законот.
Во неделата, неколку затвореници беа ослободени од затворот Родео еден, носејќи ги своите решенија за ослободување. Тие беа пречекани со аплауз. „Слободен сум, многу те сакам, кралице моја! Добро сум“, рече возбудено на својот мобилен телефон Робин Колина, еден од ослободените затвореници.
Армандо Фузил, исто така ослободен, за АФП изјави: „Во моментов, многу луѓе штрајкуваат со глад затоа што сакаат да излезат“. 55-годишниот шеф на полицијата од западната држава Маракаибо вели дека бил „уапсен без причина“ во октомври 2024 година.
Тој рече дека неговото семејство го посетувало секој петок од неговото апсење, патувајќи речиси 40 часа за кратка посета секоја недела. Сега доајдоа по него засекогаш. „Сите си помагаме едни на други. Создадено е прекрасно братство“, рече Фусил за своите созатвореници.
Невладината организација „Форо Пенал“, која ги брани политичките затвореници, објави 23 ослободувања во неделата. Мадуро владееше со Венецуела од март 2013 до јануари 2026 година, а неговото авторитарно левичарско владеење е обележано со замолчување на опозицијата и активистите.
Тој и неговата сопруга се во американски притвор и чекаат судење. 63-годишниот Мадуро се изјасни за невин по обвиненијата за трговија со дрога и тврди дека е воен заробеник.






