Од 1 до 30 јануари оваа година, околу 55.000 Американци починале од последици на ковид-19, со што седумдневниот просек на смртност ја достигна највисоката точка од минатата зима, односно пред вакцините да бидат широко достапни, според ЦДЦ. Од 2019 година до 22 јануари оваа година, грипот однел над 24.000 животи, според податоците на ЦДЦ.
Од 2019 до 2020 година од грип починале 20.000 луѓе. Потоа, во текот на 2020-2021 г. следел силен пад, а истото важи и во текот на 2021 година до денес, со вкупно околу 4.000 смртни случаи.
Бројот на починати од грип во периодот од 2020 до 2021 година не е достапен на веб-страницата на ЦДЦ, но организацијата во Журналот на Американското медицинско здружение објави дека станува збор за 748 лица. Иако коронавирусот понекогаш се споредува со грип, најчесто во обид да се намали сериозноста на болеста, податоците немилосрдно докажуваат дека ковид-19 е посмртоносен.
Неодамна објавените бројки од ЦДЦ го потврдуваат овој факт, но и укажуваат дека со новата или како што се нарекува „поблага“ варијанта на коронавирусот, омикрон, ковид-19 сè уште претставува поголема закана за јавното здравје отколку грипот.
Иако омикрон се смета за поблаг од делта на индивидуално ниво бидејќи е помала веројатноста да ги убие или принуди на хоспитализација они кои ќе се заразат со него, особено ако се вакцинирани, тој го компензира своето дејство со побрз и поширок пренос, а колку повеќе се заразени, толку е поголема веројатноста вирусот да убие повеќе луѓе.
„Омикрон ќе нè доведе до повеќе од милион смртни случаи“, рече Ендрју Нојмер, професор по јавно здравје на калифорнискиот универзитет Ирвин. „Ќе има многу преиспитувања и на крајот многу дискусии за тоа што можевме да направиме поинаку и колку смртни случаи можеа да се спречат“.
Бројот на починати се зголеми откако високо заразната варијанта омикрон се прошири низ целата нација, наметнувајќи се како доминантна за само неколку недели.
Се чини дека заразата со омикрон го достигна врвот откако инфицираше одреден слој од популацијата, по што обично следи нагол пад, известува Меклачи њуз. Експертите посочуваат дека омикрон би можел да биде „пресвртница“ во пандемијата, односно придвижување кон нешто што полесно се управува.
Во САД и ширум светот, како што е Јапонија, некои лидери се надеваат дека омикрон може да биде варијанта на коронавирусот што ќе се третира како грип, пишуваат медиумите. И ако стане како грип, можеби е време да се вратиме на животот што го знаевме пред пандемијата на коронавирус. Или тоа ќе ни биде сигнал дека ограничувањата може да се олеснат.
Но, експертите предупредуваат дека е премногу рано да се прогласи победа над ковид-19.
Новите случаи во Соединетите Држави се намалуваат „речиси толку брзо како што се појавија“, но бројот на починати останува и понатаму многу висок, предупреди директорката на ЦДЦ Рошел Валенски во интервју со Кејти Курик, истакнувајќи дека во случајот на омикрон „поблаго не значи благо“.
Во исто време, млаку веројатно е дека омикрон засекогаш да остане доминантна варијанта на ковид-19, изјави за Би-би-си Марија Ван Керхов, епидемиолог во Светската здравствена организација. „Овој вирус сè уште се развива, сè уште се менува… и нема сè да заврши со овој најнов бран обележан со омикрон, ниту пак ќе биде последната варијанта за која, за жал, разговараме“, рече Ван Керхов.






