среда, 7 јануари 2026

Поројни поплави во Индонезија: 14 загинати, 18 повредени, повеќе од 400 евакуирани

Најмалку 14 лица загинаа откако беа однесени од ненадејни поплави во Северен Сулавеси во Индонезија, соопшти денес официјален претставник, додека потрагата по исчезнатите продолжува.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Обилните дождови вчера предизвикаа ненадејни поплави на островот Сјау, кој се наоѓа во регионот Сјау Тагуланданг Биаро, изјави Нуриадин Гумеленг, портпарол на локалната агенција за спасување.

Шеснаесет спасувачи се распоредени во потрага по четири лица кои денес се водат како исчезнати, изјави Гумеленг за Ројтерс, додавајќи дека досега се повредени 18 лица. „Продолжуваме да собираме информации од локалните жители во случај да има уште исчезнати“, рече тој.

Главните патишта во погодените области сè уште се покриени со камења, остатоци и густа кал, рече Гумеленег. Портпаролот на државната агенција за ублажување на катастрофи, Абдул Мухари, во соопштението изјави дека најмалку 444 лица се евакуирани во локалните училишта и цркви по поројните поплави.

Властите распоредија багери за да ги расчистат патиштата блокирани од остатоци и кал, поплавите уништија и стотици домови и владини згради, изјави гувернерот на Северен Сулавеси, Јулиус Селванус.

Поројните поплави се случија во екот на дождовната сезона на островот Сулавеси, како што прогнозираше индонезиската метеоролошка агенција. Се очекува островите Јава, Сулавеси, Малуку и Папуа да го достигнат врвот на дождовната сезона во текот на јануари и февруари оваа година, што носи зголемен ризик од поплави, соопштија од метеоролошката агенција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ