„Гледам дека сите парламенти (во светот) му аплаудираат на украинскиот претседател. Но тој тип е подеднакво одговорен како и Путин. За војна никогаш не постои само еден виновник“, кажа Лула, фаворит на претседателските избори во Бразил во октомври.
„Тој сакаше војна. Да не ја сакаше, ќе преговараше повеќе“, додаде тој.
Лула кажа и дека Зеленски „чудно се однесува“. „Изгледа како во претстава. На телевизија е наутро, попладне и навечер, во англискиот, францускиот, германскиот парламент, како да води кампања. Би требало малку повеќе да ѝ се посвети на преговарачката маса“.
Иконата на бразилската левица ги обвини западните сили дека „поттикнуваат омраза кон Путин“.
„Ако го охрабруваат Зеленски, тој мисли дека е најдобар. Всушност би требало сериозно да му се каже: „Момче, ти си добар комичар, но нема да војуваме за ти да можеш да настапуваш“. И да му се каже на Путин: „Имаш многу оружје, но не мора да го употребиш. Ајде да разговараме!“, истакна Лула.
76-годишниот Лула кој беше претседател на Бразил во два мандати, од 2003 до 2010, го обвини американскиот претседател Џо Бајден дека „не донел ниедна правилна одлука“ кога станува збор за конфликтот во Украина.
„Соединетите Американски Држави имаат многу голема тежина и можеа да го избегнат конфликтот… Бајден можеше повеќе да се вклучи, можеше да замине со авион во Москва и да разговара со Путин. Тоа е ставот кој се очекува од лидер“, кажа тој.
Ги критикуваше и Обединетите нации. „Треба под итно да се воспостави нова светска влада. ОН веќе не претставува ништо, светски лидери повеќе не го сфаќаат сериозно. Путин еднострано изврши инвазија на Украина не консултирајќи ги Обединетите нации“, кажа тој.






