недела, 14 декември 2025

Поранешниот бразилски претседател заврши во домашен притвор, Трамп се заканува со нови царини

Бразилскиот Врховен суд вчера на поранешниот претседател Жаир Болсонаро му одреди да биде ставен во домашен притвор пред неговото судење за заговор за државен удар, нагласувајќи ја решителноста на судот и покрај тоа што американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми царините и воведе санкции.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Судијата Александар де Мораес донесе одлука за куќен притвор на Болсонаро во која наведува дека тој ги прекршил ограничувањата што му се наметнати со тоа што наводно побарал од Трамп да се вмеша во неговиот случај.

На Болсонаро му се суди пред Врховниот суд под обвинение дека заговарал со своите сојузници за насилно поништување на резултатите од изборите во 2022 година, кои ги загуби од претседателот Луиз Инасио Лула да Силва.

Трамп го нарече процесот „лов на вештерки“ и врз основа на тоа ги зголеми царините за бразилските производи за 50 проценти, што стапува на сила утре.

Стејт департментот ја осуди одлуката за домашен притвор, велејќи дека Мораес ги користи бразилските институции за да ја замолчи опозицијата и да ја загрози демократијата, додавајќи дека САД „ќе го сметаат за одговорен секој што охрабрува санкционирано однесување“.

Тие не дадоа детали, иако Трамп рече дека САД би можеле да воведат уште повисоки царини за увезената бразилска стока.

Во понеделник, Мораес донесе одлука со која му забрани на Болсонаро да го користи мобилниот телефон и да прима посетители, освен адвокати и оние на кои судот им дозволил.

Претставник за печатот на Болсонаро потврди дека поранешниот бразилски претседател бил ставен во домашен притвор во својот дом во Бразилија во понеделник и дека полицијата му го конфискувала мобилниот телефон, а неговите адвокати најавија дека ќе се жалат на одлуката, тврдејќи дека поранешниот претседател не прекршил никаква судска наредба.

Некои сојузници на Болсонаро се загрижени дека тактиките на Трамп би можеле да им наштетат во Бразил и да предизвикаат проблеми за Болсонаро и да ја поттикнат јавноста да ѝ даде поддршка на левичарската влада на Лула.

Мораес рече дека поранешниот претседател неколку пати се обидел да ги заобиколи судските одлуки. „Правдата е слепа, но не е глупава“, напиша судијата во својата пресуда.

Во изјава по апсењето во понеделник, Болсонаро го нарече Мораес „неконтролиран психопат кој никогаш не се двоуми да оди уште подалеку“.

Домашниот притвор на Болсонаро би можел да му даде изговор на Трамп да воведе дополнителни мерки против Бразил, рече Грациела Теста, професорка по политички науки на Федералниот универзитет во Парана, додавајќи дека Болсонаро се чини дека намерно провоцира ескалација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ