недела, 7 декември 2025

Полскиот претседател ја откажа средбата со Орбан поради Путин

Претседателот на Полска, Карол Наврoцки, денес демонстративно ја откажа планираната средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, поради тоа што Орбан се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во петокот, така што Наврoцки патува во Унгарија само за самитот на претседателите на Вишеградската група, на 3 декември во Естергом.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Претседателот Карол Навроцки постојано се залага за мирно решение на војната во Украина предизвикана од Руската Федерација. Безбедноста на Европа зависи од солидарноста, исто така и во областа на енергетиката. Поради посетата на премиерот Виктор Орбан на Москва и нејзиниот контекст, претседателот Карол Навроцки одлучи да ја ограничи програмата на својата посета на Унгарија исклучиво на самитот на претседателите на Вишеградската група“, изјави денес советникот на Навроцки, Марчин Пшидач.

Новиот полски претседател планираше да ја продолжи својата државна посета на Унгарија и во четврток, по самитот на претседателите на Унгарија, Словачка, Чешка и Полска во среда, за време на кој требаше да се сретне и со премиерот Орбан.

Полскиот премиер Доналд Туск по повод средбата на Орбан со Путин во петокот, кога темата беа испораките на руска нафта и гас за Унгарија, го критикуваше Навроцки што ќе се сретне со Орбан.

“Орбан оди на посета кај Путин, Навроцки кај Орбан. Хаос во преговорите за планот на Виткоф, а во Киев политичка криза. Фатална комбинација”, порача Туск на мрежата Икс.

Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, му порача на Навроцки дека кога веќе се среќава со Орбан, подобро е да работи на тоа Унгарија да престане да ги блокира европските санкции против Русија и парите што Полска треба да ги добие од сојузничките фондови како компензација за тоа што испратила помош во оружје за Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ