„Затоа предлагаме формирање меѓународна комисија за истрага на ова злосторство на геноцид“, што е „неопходно ако сакаме да ја дознаеме вистината за руските фашистички злосторства“, рече тој. Моравјецки ги повика западните земји да воведат нови санкции кон Русија, а рускиот претседател Владимир Путин го спореди со поранешните диктатори со крвави раце.
Со такви диктатори не се преговара, рече тој и го повика Западот конечно да воведе решителни санкции кои ќе функционираат.
Тој имаше посебна порака за францускиот претседател Емануел Макрон. „Претседателе Макрон, колку пати преговаравте со Путин и што постигнавте? Со злосторници не се преговара, злосторниците треба да се победат“, рече тој.
„Никој не преговараше со Хитлер, ниту со Сталин, ниту со Пол Пот“, рече тој. Тој обвини некои европски лидери за одолговлекување и празни фрази. „Не слушајте ги германските бизнисмени, германските милијардери (…) туку гласовите на невините жени и деца. Гласовите на убиените“, рече тој, обраќајќи му се на германскиот канцелар Олаф Шолц.
Украина во неделата ја обвини Русија за „геноцид“, тврдејќи дека пронашла тела на 410 цивили во близина на Киев, област која деновиве ја врати под своја контрола, но Москва ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека снимките од Буча биле „нарачани“.






