вторник, 31 март 2026

Полскиот, чешкиот и словенечкиот премиер во ненадејна посета на опколениот Киев (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Премиерите на Полска, Словенија и Чешка во вторникот вечерта кога започна полицискиот час во Киев се сретнаа со претседателот на Украина Володимир Зеленски, пренесе Би-би-си.

Чешкиот лидер им кажа на Украинците дека „не се сами“.

Тие се првите западни лидери кои ја посетија Украина по инвазијата на Русија.

„Се восхитуваме на вашата храбра борба“, напиша Петр Фиала на Твитер. „Се борите за сопствените животи, за земјата и слободата. Знаеме дека се борите и за нашите животи. Не сте сами, нашите земји стојат до вас“.

„Вашата посета е моќен израз на поддршката за Украина“, изјави Зеленски пред групата.

Во средата, полскиот премиер Матеуш Моравјецки твитна дека Украина ја потсетува Европа што е храброст. Време беше „тромата и распадната“ Европа повторно да се разбуди и „да го пробие својот ѕид на рамнодушност и да ѝ даде надеж на Украина“, рече тој.

Водачите се вратија во Полска во средата наутро, изјави портпаролот на полската влада.

На патувањето беше и Јарослав Качински, шефот на полската владејачка партија, кој повика на создавање на НАТО или меѓународна мировна мисија која „исто така ќе може да се брани и да дејствува во Украина“.

Сепак, еден од неговите советници подоцна појасни дека Качински не барал НАТО да се вклучи воено.

„Овде позицијата е непроменета. Ниту Полска, ниту НАТО не учествуваат, ниту ќе учествуваат во војната“, изјави Михал Дворчик за полското радио.

Украинскиот премиер Денис Шмихал на Твитер напиша дека на состанокот во Киев се разговарало за „уништувачките“ санкции против Русија, како и за „признавањето на Русија како спонзор на тероризмот“.

Додека се одржувале разговорите во вторникот вечер силни експлозии можеле да се слушнат од борбите на западниот крај на главниот град.

Заменик-министерот за надворешни работи на Полска Марцин Пжидач призна дека патувањето било ризично, но рече дека „вреди заради вредностите“. Тој рече дека им кажале на Русите дека посетата се одржува.

Сите тројца лидери на патувањето во Киев се гласни поддржувачи на Украина во последните недели. Словенечкиот премиер минатата недела рече дека ЕУ треба да испрати силна порака дека Украина на крајот ќе добие членство.

Чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски рече дека посетата е силен и важен гест за да се покаже солидарност со Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ