сабота, 14 март 2026

Полска не ѝ испраќа борбени авиони на Украина доколку таква одлука не донесе цело НАТО

Објавено на

часот

Сподели

„Ако треба да се донесе одлука за испраќање авиони на Украина мора да постои согласност во цело НАТО. Ништо не сум слушнал за какво било зелено светло на НАТО за таквата одлука. Одлуки за потенцијално испраќање авиони на Украина нема“, кажа синоќа Милер за телевизијата Полсат по повод изјавата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека САД ѝ даваат зелено светло на Полска да ѝ помогне на Украина и со испраќање авиони.

Милер, портпарол на полската влада на премиерот Матеуш Моравјецки, ги демантираше повторно вестите кои кружат дека украински борбени авиони би можеле да полетуваат од територијата на Полска наведувајќи дека „нема ништо такво“.

Шефот на Бирото за национална безбедност Павел Солох кажа за приватната полска телевизија Н24 дека кога станува збор за воени авиони, нема никакви одлуки.

„Така како што кажа владата, не планираме да ги испраќаме“, кажа Солох.

Авионите како дел од помошта во испораките на оружје на Украина од соседите и земјите од НАТО ги бара претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Се појавија вести дека своите ловци од советско производство би можеле да ги испратат Полска, Словачка и Бугарија, како и неофицијални информации дека Полска прво бара гаранции дека во замена за авионите подарени на Украина би морала да добие од САД авиони Ф-16, што официјална Варшава го демантира.

И Солох и Милер кажаа дека некои одлуки официјална Варшава може да ги носи суверено и сама, но дека нема да носи никаква одлука без договор во цело НАТО.

„Затворањето на небото над Украина значи дека ако странски, непријателски авиони, односно руски, се појават на тој дел од небото НАТО ќе се бори со нив. Тоа би значело почнување директен конфликт со Русија. НАТО не се решило за тоа. Сфаќаме целосно колку е трагична ситуацијата на Украина но за ваков чекор нема сојузничка одлука“, кажа Солох.

Шефот на полското Биро за национална безбедност предупреди дека во Украина има страшен конфликт, но дека тоа сè уште не е светска војна која западните сојузници во НАТО сакаат да ја избегнат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ