Дипломатите издадоа предупредување поради можно затворање на границите и „други непредвидени околности“, пишува полскиот портал вршавапигулце.пл.
„Препорачуваме граѓаните на Република Полска кои остануваат на територијата на Република Белорусија да ја напуштат нејзината територија користејќи ги расположливите комерцијални и приватни средства“, се вели во официјалното соопштение објавено на веб-страницата на владата.
Апелот доаѓа само еден ден откако полско-белоруската граница беше повторно отворена за сообраќај по речиси две недели затворање. Иако границата е отворена од вчера, полските претставници, вклучувајќи го и премиерот Доналд Туск, предупредија дека таа може повторно да се затвори доколку ситуацијата ескалира.
Алармантната изјава на амбасадата е директен резултат на напнатите настани од последните недели. Министерството за надворешни работи веќе го издаде своето прво предупредување на 5 септември откако белорускиот КГБ го уапси полскиот монах Гжегож Гавло, кого режимот на Александар Лукашенко го обвинува за шпионажа.
27-годишникот од Кармелитскиот ред од Краков беше уапсен во градот Лепел под обвинение за собирање информации за руско-белоруските воени вежби „Запад-2025“. Белоруската пропаганда тврди дека кај него е пронајден „таен воен документ“, што полската влада категорично го отфрла како провокација.
„Полските специјални служби не користат монаси за собирање информации за воени маневри“, нагласи Јацек Добжински, портпарол на координаторот на специјалните служби, додека премиерот Туск најави „одмазднички мерки“ против Белорусија.
Амбасадата предупредува дека во случај на понатамошно влошување на безбедносната состојба, евакуацијата може да биде значително потешка или дури и невозможна.
„Ситуацијата во регионот е напната, војна е во тек, а имало и случаи на произволни апсења на полски граѓани“, се вели во соопштението. За Полјаците кои сакаат да ја напуштат Белорусија во случај границата повторно да се затвори, се препорачуваат алтернативни правци преку граничните премини со Литванија или Латвија, како и летови од меѓународниот аеродром во Минск.
Апсењето на монахот Гавло е само најновиот во низата инциденти насочени против полските граѓани. Белоруските организации за човекови права веќе го прогласија за политички затвореник.
Тој е еден од 15 лица неодамна додадени на списокот на политички затвореници, чиј вкупен број во Белорусија, според организацијата „Вијасна“, моментално изнесува 1.193. Кармелитскиот ред објави соопштение во кое бара молитви за затворениот брат: „Со жалење ве известуваме дека нашиот брат Гжегож Гавел О. Карм е уапсен во Белорусија“.
Тензиите дополнително се засилија со неодамнешните руско-белоруски воени вежби „Запад-2025“, кои се одржаа од 12 до 16 септември и беа првите вакви вежби од почетокот на војната во Украина.
Иако официјалното учество беше најавено на околу 13 илјади војници, германските воени извори проценуваат дека вистинскиот број можеби достигнал до 30 илјади. Токму поради „зголемениот број провокации“ Полска привремено ја затвори границата на 12 септември, која беше повторно отворена дури вчера.






