Балаж Орбан, главен политички советник на унгарскиот премиер, изјави дека се надева дека ќе се здружи со Андреј Бабиш, чија десничарска популистичка партија победи на неодамнешните парламентарни избори во Чешка, и со словачкиот премиер Роберт Фицо. Според него, целта е да се координираат ставовите пред состаноците на лидерите на ЕУ, што вклучува одржување состаноци пред самите самити.
Иако сè уште не е постигната силна политичка алијанса, нејзиното формирање би можело значително да ги комплицира напорите на ЕУ да обезбеди финансиска и воена поддршка за Украина, пишува Политико.
„Мислам дека тоа ќе се случи – и ќе стане сè повидливо“, рече Балаж Орбан, кога беше прашан за можноста за формирање блок на скептици за Украина во Европскиот совет.
Тој потсети на моделот на соработка на таканаречената Вишеградска група (Унгарија, Чешка, Словачка и Полска) за време на мигрантската криза. „Функционираше многу добро за време на мигрантската криза. Така успеавме да се спротивставиме“, рече тој, осврнувајќи се на периодот по 2015 година, кога евроскептичната партија Право и правда беше на власт во Варшава.
Според Политико, новиот сојуз би се состоел од три, а не од четири члена. Сегашниот премиер на Полска на десниот центар Доналд Туск е цврсто про-украински ориентиран и веројатно нема да се приклучи на каков било сојуз со унгарскиот премиер.
Унгарскиот премиер, кој е на власт во последните 15 години, се соочува со борба за реизбор следната година. Според анкетата на јавното мислење, цитирана од Политико, партијата Тиса на опозицискиот лидер Петер Маѓар во моментов е попопуларна од партијата Фидес на Орбан.






