Експлозивниот документ објавен од Националниот архив ги открива крајните мерки кои поранешниот републикански претседател бил подготвен да ги преземе за да остане на власт.
„Од денес, министерот за одбрана треба да ги заплени, собере, зачува и истражи сите машини, целата опрема, сите информации складирани во електронска форма во врска со изборите“, се вели во предлогот на три страници, кој никогаш не бил потпишан.
Извршната уредба, од 16 декември 2020 година, предвидува и назначување специјален адвокат кој ќе покрене тужби за сите наводни измами кои би се откриле при заплената.
За да се оправда предлогот за извршната уредба, во документот се наведуваат голем број теории на заговор, повеќе пати побиени, за тоа дека гласачките машини се хакирани. Не се знае кој е автор на предлогот.
Тој е дел од повеќе од 750 документи доставени до комисијата на Претставничкиот дом задолжен за истрагата на нападот на Капитол, откако Врховниот суд го одби барањето на Трамп да се забрани нивното објавување.
Комисијата, составена претежно од демократски пратеници, сака да ја утврди одговорноста на Доналд Трамп и неговата околина во нападот на зградата на Конгресот на 6 јануари минатата година.
Една година откако официјално замина од должноста, Трамп продолжува да тврди дека изборите во 2020 година му биле украдени. Анкетите покажуваат дека го поддржуваат повеќе од половина од републиканските гласачи.






