„Не беше „анармд“ (невооружена), туку беше вооружена“, кажа Пленковиќ на конференција за медиумите во Загреб и како доказ им покажа на новинарите фотографии кои, како што наведе, покажуваат траги од бомба, односно експлозивот кој бил најден.
Тој истакна дека сега се знае дека беспилотното летало од советско производство, кое во четвртокот вечерта се урна во Загреб, било вооружено.
„Тоа летало, имајќи предвид дека има многу конфузија која мора да ја разјасниме и да ги отстраниме сите можни неточни информации, беше вооружено“, истакна премиерот на Хрватска кажувајќи дека на фотографиите се гледа дека имало делови од бомба.
Тој истакна дека е важно да се утврди и „како и зошто тоа летало дошло во Загреб, дали било грешка, саботажа или имало некаква намера“.
„Уште еднаш ќе констатирам дека во овој огромен, сериозен инцидент и јасна закана за нашата безбедност, никој не загина и дури никој не е ни ранет“, кажа Пленковиќ.
Тој додаде дека падот на леталото во земја наместо на асфалт, според експертите, довел до тоа трагите од експлозијата да се помали отколку ако удрело во тврда подлога.
Претседателот Зоран Милановиќ вчера не сакаше да одговара на прашањата на новинарите дали во беспилотното летало имало авионска бомба која експлодирала, како што тврдат премиерот и министерот за одбрана или станува збор за бомба за самоуништување, што во медиумите го потврдија повеќе воени експерти.
Тој кажа дека „министерот кажал што кажал“ и го повика премиерот „да го смири“.
„Не можам да одговарам за некомпетентноста, незнаењето и неинтелигенцијата на одредени луѓе“, наведе Милановиќ.
Хрватскиот претседател оцени дека „прашањето на бомбата е теоретско прашање и е предмет на истрагата“.






