понеделник, 13 април 2026

Петер Маѓар: Унгарија е повторно жива, Тиса веројатно со двотретинско мнозинство

Лидерот на партијата Тиса, Петар Маѓар, синоќа прогласи победа на изборите, оценувајќи дека неговата политичка опција постигнала убедлив резултат и, како што наведе, веројатно обезбедила двотретинско мнозинство во парламентот.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Обраќајќи се пред присутните на плоштадот во Будимпешта, Маѓар рече дека граѓаните „заедно го соборија системот на Орбан и ја вратија својата татковина“, истакнувајќи дека во историјата на демократска Унгарија никогаш немало толку висока излезност на избори.

„Драги сонародници, Унгарци! Успеавме! Тиса и Унгарија победија на овие избори. И тоа не за малку, туку за многу, дури и многу, многу“, пренесува Индекс.

Според него, постигнатиот резултат претставува историски успех.

„Направивте чудо, Унгарци! Испишавме историја“, рече Маѓар, заблагодарувајќи им се на милиони луѓе кои ја дадоа својата доверба на Тиса.

Зборувајќи за изборната кампања, тој изјави дека Фидес потрошила стотици милијарди долари за кампања заснована на лаги, што, според него, довело до поделба во општеството.

„Тоа стана нивна пропаст, тоа е она за што Унгарците денес судеа. Нека овој ден биде напишан со златни букви како ден на унгарската слобода. Победа на Унгарците над оние што ги предадоа. Нека ова биде победа на сите Унгарци“, рече тој.

Маѓар нагласи дека Унгарија сака да биде европска земја која не е ничиј вазал, каде што резултатите се вреднуваат и каде што секој граѓанин може да смета на државата.

„Секој ќе може да сака кого сака и како сака“, рече тој, додавајќи дека ќе има слобода во донесувањето одлуки за раѓање деца.

Тој им се обрати и на Унгарците во странство, барајќи од нив да се вратат во земјата.

“Вратете се дома, бидејќи Унгарија ќе биде земја во која полицијата и тајните служби служат на граѓаните”, рече унгарскиот политичар.

Зборувајќи за идните потези, Маѓар го повика актуелниот премиер да дејствува како техничка влада и да не носи одлуки кои би ја ограничиле идната власт.

Тој, исто така, го повика претседателот на Републиката да му го довери мандатот за формирање влада, а потоа да се повлече од јавниот живот, како и другите функционери да поднесат оставки.

Тој најави дека, со уставно мнозинство, ќе го обнови системот на контрола и рамнотежа, ќе се приклучи на Европското јавно обвинителство и ќе ги зајакне демократските институции.

„Унгарија повторно ќе биде силен сојузник во Европската Унија и НАТО“, рече тој.

Маѓар рече дека ќе ги претставува сите граѓани, вклучително и Унгарците во странство, и ќе работи на надминување на социјалните поделби.

„Веќе нема да бидеме земја без последици. Оние што ја ограбија државата ќе мора да одговараат“, рече тој, најавувајќи го формирањето канцеларија за враќање на националните средства.

На крајот се обрати и до гласачите на Фидес, истакнувајќи дека ќе биде премиер на сите граѓани и дека ќе работи на меѓусебно прифаќање без оглед на политичките разлики.

Во Унгарија вчера се одржаа парламентарни избори на кои победи опозициската партија Тиса на Петер Маџар.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го призна поразот. Излезноста на изборите беше рекордна, со 77,8 проценти од гласачите кои гласаа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ