Повикувајќи се на докази од повеќе од 40 невладини организации од 22 земји, Унијата за граѓански слободи за Европа (Либертис) ги опиша владите на Бугарија, Хрватска, Унгарија, Италија и Словачка како „рушители“ кои активно го поткопуваат владеењето на правото, објавува британскиот весник.
Во извештајот на групата за 2026 година, објавен денес, се вели дека Словачка назадувала во сите области – судството, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и контролните механизми на граѓанското општество – под популистичката, авторитарна и проруска влада на Роберт Фицо.
Слична слика е забележана и во Бугарија, додека Унгарија, каде што 16-годишното владеење на Виктор Орбан би можело да заврши по изборите на 12 април, „останува категорија сама за себе, продолжувајќи да спроведува сè порегресивни закони и политики без знаци на промена“.
На други места, Либертис ги означи Белгија, Данска, Франција, Германија и Шведска, сите земји со силни демократски традиции, како „лизгачки“: земји каде што владеењето на правото слабее во одредени области, иако оваа ерозија не е дел од целокупната политичка стратегија.
Чешка, Естонија, Грција, Ирска, Литванија, Холандија, Романија и Шпанија беа класифицирани како „стагнирачки“ или земји каде што владеењето на правото ниту се подобрува ниту се влошува, се вели во извештајот од 800 страници.
Полска, исто така, спаѓа во оваа категорија, иако премиерот Доналд Туск се обидува да ги врати клучните елементи на владеењето на правото – како што е независното судство – кое претходно го демонтираше поранешната влада на Право и правда (ПиС), но во тоа го кочат претседателските вето механизми, објавува Гардијан.
Ограничениот напредок на Полска досега „покажува колку е тешко и кревко враќањето на нарушената институционална независност“, велат од Либертис. Само Латвија го заработи статусот на „вреден работник“, со влада која активно ги подобрува стандардите за владеење на правото.
Во извештајот, исто така, се вели дека механизмите на ЕУ за борба против ерозијата на владеењето на правото се во голема мера неефикасни, при што повеќето земји-членки не успеваат да ги преточат упатствата во конкретни мерки и покрај годините препораки од Европската комисија.
Утврдено е дека 93 проценти од сите препораки во извештајот на извршната власт на ЕУ за владеењето на правото за 2025 година се повторени од претходните години, при што многу се пренесени без никакви промени во формулацијата, додека бројот на нови препораки е преполовен во споредба со 2024 година.
Од 100-те препораки на Комисијата проценети од организацијата Либертис, кај 61 не е забележан никаков напредок, додека кај 13 состојбата дополнително е влошена. „Извештајот на Комисијата требаше да поттикне конкретна акција“, рече извршната директорка на Либертис, Илина Нешиќ.
Но, по седум годишни изданија, наодите на Либертис укажуваат „не само на регресија, туку и на континуирани и намерни напори за поткопување на владеењето на правото. Повторувањето на препораките без значајно следење нема да го промени ова“, рече таа.
Во извештајот исто така се критикуваат институциите на ЕУ како целина, велејќи дека во 2025 година тие не само што „одразуваат многу од проблемите што се гледаат во земјите-членки“, туку и не успеаја доследно да ги применуваат и бранат основните права.
„Нормализирана е употребата на исклучителни, забрзани законодавни процедури, повлечени се клучни заштити на основните права и водена е координирана кампања против организациите за надзор“, рече Керсти Меккорт, виш советник за застапување во Либертис.
Кога ова се случува, додаде Меккорт, институциите „го поткопуваат кредибилитетот на ЕУ и нејзиното сопствено известување за владеењето на правото“.
Либертис откри дека условите за владеење на правото најмногу се влошиле во 2025 година во столбот на демократските „контроли и рамнотежи“: способноста на независните невладини организации и граѓанското општество да се организираат, да ги оспоруваат одлуките и да ги повикуваат владите на одговорност.
Како што се вели, сè почесто е регресивното законодавство и строгите казни за учество во забранети протести, вклучително и во Унгарија, каде што настаните на Прајд беа забранети, а нивните организатори, вклучувајќи го и градоначалникот на Будимпешта, беа ставени под официјална истрага.
Во Италија беше донесен многу рестриктивен безбедносен декрет со кој се криминализираат блокадите на патиштата и другите форми на несогласување, а воедно се зајакнуваат гаранциите за полицијата. Во неколку земји-членки, климатските и пропалестинските демонстранти се соочија со забрани и криминализација.
Столбот за правда, исто така, покажува недостаток на напредок, соопшти Либертис, посочувајќи особено на она што го нарече „нов тренд на сè покритичен или непријателски политички дискурс кон судството и институциите за човекови права“.
Мал напредок е забележан во борбата против корупцијата. А кога станува збор за слободата на медиумите, само мал број земји постигнале мерливи подобрувања. Нападите врз новинарите се зголемија во Бугарија, Хрватска, Италија, Холандија и, особено, Словачка.






