среда, 8 април 2026

Песков: Примирјето во Иран може да отвори простор за нови преговори за Украина

Кремљ денес го поздрави двонеделното примирје договорено меѓу САД и Иран, велејќи дека Русија се надева дека САД сега ќе имаат време и простор да ги продолжат трилатералните мировни преговори за Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во разговор со новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека „со задоволство ја примиле веста за примирјето. Ја поздравуваме одлуката да не се оди понатаму по патот на вооружена ескалација“, со што Русија се приклучи кон Европската Унија, Ватикан и другите земји кои го сторија истото.

На прашањето дали примирјето во Иран ќе ги олесни новите преговори за Украина, Песков рече: „Се надеваме дека во блиска иднина (САД) ќе имаат повеќе време и поголема можност да се сретнат во трилатерален формат“, осврнувајќи се на разговорите меѓу Русија, Украина и САД.

Русија претходно изјави дека мировните преговори за Украина се прекинати по избувнувањето на непријателствата во Иран.

Преговорите започнаа минатата година во Истанбул, а трилатералните разговори со САД се одржаа на почетокот на оваа година во Абу Даби и Женева.

Но, напредокот е бавен, главно поради територијалните спорови, пишува Ројтерс. Русија бара Украина да се откаже од остатокот од својот регион Донбас, но Киев одбива да ја предаде територијата што руските сили не успеаја да ја освојат во повеќе од четири години војна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ