Полските власти соопштија дека се спремни итно и бесплатно да ги префрлат своите советски „мигови“ во американската база Рамштајн во Германија и да ѝ ги дадат на располагање на американската влада.
Украина се надева дека како помош во борбата со Русија би можела да добие борбени авиони од советско производство, вкупно 70, кои ги имаат некои источноевропски членки на НАТО, односно од Полска, Бугарија, Романија и Словачка.
Кремљ предупреди дека тоа би можело да создаде „потенцијално опасно сценарио“.
„Разузнавачките служби веруваат дека префрлањето (на авионите МиГ-29) во Украина би можело да се протолкува како пресврт во конфликтот и би довело до голема руска реакција со што би се зголемиле изгледите за воена ескалација со НАТО“, изјави портпаролот на американското министерство за одбрана Џон Кирби.






