Во два одделни случаи, Патриотите ги оспорија одлуките на Парламентот и на надзорното тело на ЕУ за партии, што доведе до губење на пристапот до повеќе од четири милиони евра средства, тврдејќи дека одлуките се нелегитимни и резултат на пристрасност, пишува Политико.
Политичката групација, која ги обединува Французинката Марин Ле Пен и Унгарецот Виктор Орбан, постојано се жали на маргинализација во креирањето политиките на ЕУ и на клучните позиции на моќ уште од европските избори во 2024 година, на кои постигнаа значителен раст и станаа трета најголема сила во Парламентот.
Водечките политички партии ги држат Патриотите настрана преку таканаречен „санитарен кордон“ – неформален договор за избегнување соработка со крајно десничарските фракции. Сега, Патриотите ги обвинуваат и претставниците на ЕУ за саботирање на нивниот пристап до јавни средства. „Постои проблем со одредени агенти на администрацијата на Парламентот“, рече белгискиот европратеник Геролф Анеманс, почесен претседател на Патриотите.
Патриотите ја постигнаа својата прва победа минатата недела кога Европскиот суд на правдата ја поништи санкцијата од страна на партискиот надзорен орган (АППФ), кој ѝ наложи на партијата да плати казна од 47.000 евра. Санкцијата дојде откако партијата погрешно претстави еден од своите европратеници како член на управен одбор, што АППФ го протолкува како обид за измама и сериозен прекршок.
Токму оваа одлука на АППФ му овозможи на Европскиот парламент да им го одземе пристапот на Патриотите до 4 милиони евра од фондовите на ЕУ во 2023 година. Ова значително го намали нивниот буџет за изборите во 2024 година, додека другите партии ги пренесоа своите средства од 2023 година за следната година. Одлуката на судот сега им го отвора патот да се обидат да вратат дел од тие средства.
Во друга тужба, поднесена кон средината на јули, Патриотите го обвинија Парламентот за пристрасност откако пресуди дека партијата несоодветно ги потрошила средствата за кампањата во Чешка. Претседателството на Парламентот пресуди дека Патриотите мора сами да ги платат трошоците за кампањата и да вратат 228.000 евра потрошени средства од ЕУ.
Во тужбата се наведува дека оваа одлука го прекршила „принципот на еднаков третман и недискриминација, бидејќи слични кампањи на други партии се сметале за прифатливи за надомест на трошоците“. Тие исто така тврдат дека Претседателството, составено главно од претставници на десниот центар, либералите и левичарските партии, било пристрасно и дека нивното право на одбрана било прекршено со цензурирање на делови од дописот.
Парламентот одби да коментира за судската постапка, додека АППФ изјави дека останува „посветена на заштитата на интегритетот на европската демократија“. По овие тужби следуваат закани за трет правен предизвик. Имено, Одборот за контрола на буџетот препорача враќање на 4,3 милиони евра од групата поради наводна злоупотреба на средства од страна на сега веќе непостоечката група Идентитет и демократија, чии членови се приклучија на Патриотите.
„Ќе се бориме на суд доколку е потребно“, рече функционер на Патриотите под услов да остане анонимен. „Имаме многу добри адвокати и сигурни сме дека сме во право“.






