понеделник, 8 декември 2025

Пандемијата веројатно ќе заврши во март, вели лекар од Вашингтон

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за Екатимерини д-р Мареј предвидува дека врвот на омикрон-бранот ќе дојде во средината на јануари, а не на крајот, како што беше предвидено со првичните студии. Тој исто така верува дека крајот на пандемијата ќе дојде во март, веднаш штом омикрон целосно ќе го снема.

Но неговиот главен заклучок е потребата да се престане да се драматизира пандемијата, велејќи дека нема смисла да се фокусираме на бројот на случаите. Тој тврди дека важните бројки се бројот на примените во болниците, особено во одделенијата за интензивна нега.

Колку што можеме да откриеме од омикрон, мислиме дека тој е толку пренослив што ќе се движи низ населението во секоја земја каде што ќе се појави во прилично краток период од појавата до пикот за четири до шест недели. Значи, најголем дел од бранот омикрон треба да се случи во јануари, смета тој и предвидува дека веројатно дури половина или повеќе од населението ќе се заразат со омикрон, и покрај нивото на вакцинација и минати инфекции со други варијанти на ковид.

Знаеме, вели, дека омикрон е многу пренослив; може да зарази луѓе што биле претходно заразени; во однос на инфекцијата, може да се пробие кај оние што се вакцинирани или дури и кај оние што примиле бустер. Но тој е многу помалку сериозен од минатите соеви, можеби за 90% или 95% помалку сериозен. Доаѓаат огромни бројки, но многу помалку сериозни. Сè уште ќе има притисок врз здравствениот систем, поради многу големиот број заразени и помалиот дел што ќе одат во болница. Значи, навистина ќе биде тешко да се контролира инфекцијата. Но сепак ќе има одредени последици врз населението.

На прашањето дали забележал некакви чудни ефекти од омикрон, работи што не ги очекувал, д-р Мареј одговара:

„Мислам дека кога првпат се појави во ноември – и немавме вистински податоци за сериозноста – постоеше огромна загриженост дека ќе настапи кошмар на масовно пренесување, малку послаб од делта, а дека болниците ќе бидат преоптоварени бидејќи стапката на смртност ќе се вивне. Тоа не се случи, за среќа. Се испостави дека тој е многу помалку сериозен и денес навистина не гледаме ништо особено необично освен овој факт дека 80% до 90% од луѓето што се инфицираат немаат никакви симптоми. Значи, тоа прави навистина голема разлика во однос на влијанието врз населението.“

Запрашан дали ова е на некој начин почеток на крајот на пандемијата, тој вели:

„Знаете, тоа е одлично прашање и мислам дека е многу тешко да се одговори на строго научен начин. Но многумина мислат дека, бидејќи ќе има толку многу луѓе заразени со омикрон, тоа ќе му даде толку голем поттик на нивото на имунитетот на популацијата што ќе биде потребно да се појави нова варијанта пред да дојдеме до поголем пренос по бранот омикрон. Значи, можеби тоа е она што нè доведува до точката кога одиме во ендемска фаза, кога ковидот не исчезнува, но може да стане онаа сезонска болест што ја очекувавме подолго време.

За линеарната еволуција на вирусите, кои стануваат попреносливи, но поблаги, и за тоа дали очекува следната варијанта да го следи тој шаблон, д-р Мареј вели:

„Знаете, има доста дебата за ова; луѓето што ја проучуваат еволуцијата на вирусите велат дека во случајот со ковид нема некоја посебна причина дека следниот сој ќе биде поблаг од омикрон. Ако помислите на грипот, од година во година добиваме и лоши епидемии на грип и поблаги епидемии на грип. Значи, не секогаш од година во година грипот станува сѐ поблаг. И така, ако ја земете таа аналогија, можно е и ние во иднина да имаме сој што е пренослив или дури и попренослив од омикрон, но всушност може да биде потежок – едноставно не знаеме. Сега, за во иднина, бидејќи имаме повисоки нивоа на вакцинација, имавме изложеност на различни типови на минати соеви, а со доаѓањето на ефективни антивирусни средства се надеваме дека нема да ги имаме големите последици од ковид што ги имавме во минатото.“

Д-р Мареј смета дека треба да се намали драматизирањето на ситуацијата.

„Со ковид се справуваме веќе две години, со многу потешка инфекција, и затоа беше многу логично напорите да ги насочиме на употреба на маски, преку социјална изолација, да направиме сѐ што можеме за да се намали преносот. Но сега сме во амбиент каде што пренесувањето е толку силно – земете ги овие истражувања што покажаа дека на Нова година 10% од целото население на Лондон имало активна инфекција. Знаете, дека ова е степен кога, секој ден… 2% или можеби дури 3% од земјата се инфицираат. Значи, кога сте на тоа ниво на пренос, и не е дека е многу помалку сериозно, треба да го преиспитаме нашиот пристап.

Веројатно воопшто не можеме многу да ја контролираме инфекцијата. Ако ги следиме стратегиите што ги користевме за тестирање и изолација, во јануари ќе биде тешко да одржиме многу клучни услуги затоа што едноставно нема да ја имате работната сила, бидејќи сите тие се дома изолирани, затоа треба да ги преиспитаме нашите стратегии за тоа што треба да се обидеме да постигнеме. А во минатото тоа беше „минимизирање на умирањето, минимизирање на хоспитализацијата, стопирање на преносот“. Сега мислам дека тоа е „минимизирање на умирањето, минимизирање на хоспитализацијата и спречување на прекинот на основните услуги“.

Мислам дека луѓето треба да престанат да се плашат од огромниот број случаи бидејќи тие ќе бидат многубројни. Тие треба да ги гледаат хоспитализациите и пациентите на интензивна нега, смета д-р Мареј.

„Тој број, кој ни кажува за тешко болните со ковид, е оној што треба да го гледаме. Затоа што тој ни ги кажува вистинските последици. Броевите на случаите ќе бидат страшни затоа што ќе поставуваат рекорди и од ден на ден ќе поставуваат рекорди сѐ додека не го достигнеме врвот, кој веројатно треба да дојде побрзо отколку што мислевме пред две недели.“

„Јас лично мислам… дека пандемијата – за разлика од ковидот – ќе заврши штом ќе заврши бранот омикрон. Така, веројатно до почетокот на март, бројките ќе бидат намалени на повеќето места бидејќи омикрон ќе се движи толку брзо. Пандемијата ќе заврши, иако ковидот сигурно нема да заврши. И само ќе треба да кажеме: видете, ова е како грипот. Ќе биде тука цело време, треба да ги одржуваме луѓето вакцинирани, бустирани со текот на времето и, потоа, кога ќе имаме бран на ковид од нова варијанта или во зима секоја година, оние луѓе што се постари или имаат некои коморбидитети што ги ставаат во поголем ризик, можеби ќе сакаат да преземат дополнителни напори, како носење маска. И само треба тоа да го сфатиме како нова нормала. Но, мислам дека пандемијата, идејата што ја наложува оваа општествена вонредна состојба, веројатно ќе биде завршена овој март.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ