понеделник, 29 декември 2025

Палестинците протестираат и против војната и против Хамас

Во неколку протестни маршеви во Појасот Газа, граѓаните побараа прекин на војната, а некои се свртеа и против Хамас. Има и повици за продолжување на демонстрациите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Стотици луѓе демонстрираа на повеќе локации во Појасот Газа барајќи прекин на војната со Израел. Според изјавите на очевидци, во Беит Лахија на северот од енклавата, некои демонстранти извикувале слогани против Хамас.

Дополнителни протестни маршеви се одржаа и во блиската Џабалија, како и во Кан Јунис на југ. На фотографиите се главно мажи, но и деца со транспаренти. Очевидци изјавија дека претежно машки демонстранти во Беит Лахија извикувале „Хамас надвор“ и „Хамас-терористи“.

Демонстрациите се ретка појава во Појасот Газа, каде што исламистичкиот Хамас е познат по бруталното задушување на внатрешните противници. Сепак, на социјалните мрежи се појавија повици за продолжување на протестите.

Еден демонстрант рече дека не знае кој го организирал протестот. На мрежата Телеграм претходно кружеше најмалку еден повик за собир.

„Учествував да испратам порака во име на народот: Доста е војна“, рече тој. Тој, исто така, вели дека забележал припадници на безбедносните сили на Хамас во цивилна облека како ги растеруваат луѓето собрани на протестите.

Неколку учесници на демонстрациите зборуваа за германската новинска агенција Дпа за очајната состојба на луѓето во Појасот Газа, за постојаната војна. Тие го критикуваа и Хамас.

Еден човек изјави: „Граѓаните на Газа се заложници на луѓе на кои не им е гајле за нас, вклучувајќи го и Хамас“.

Друг додаде: „Хамас ни вели да бидеме трпеливи, но тие живеат безбедно, нивните деца не се бомбардирани“.

Израел пред седум дена ги обнови воздушните напади врз цели во Појасот Газа.

Во понеделникот членовите на терористичката организација Палестински исламски џихад (ПИЈ) истрелаа ракети од северниот дел на Појасот Газа кон Израел. Како одговор, израелската армија издаде наредба за евакуација на Беит Лахија и Беит Ханун.

Од нападот на палестинските терористи врз Израел на 7 октомври 2023 година и војната што следуваше, според здравствените власти во Појасот Газа, загинаа повеќе од 50.000 луѓе. Околу една третина се деца и млади луѓе. Овие податоци не можат да се проверат од независни извори, но меѓународните организации како ОН сметаат дека се во голема мера веродостојни.

Од повторниот почеток на израелските напади минатата недела, стотици луѓе беа убиени.

Протести и во Израел

Во Ерусалим повторно избувнаа протести против политиката на десничарската, религиозно ориентирана израелска влада. Стотици луѓе се собраа пред парламентот додека се гласаше за новиот буџет. Според извештаите на локалните медиуми, демонстрантите се судриле со полицијата, а неколку лица се уапсени.

Од повторното избувнување на војната во Газа, протестите во Израел против владата на Бенјамин Нетанјаху стануваат сè почести.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ