Вкупната вредност на интерконекторот е 85,5 милиони евра, а изграден е со донација од Европската Унија од 49,6 милиони евра, додека Србија дел од гасоводот на својата територија го финансирала со дополнителни 25 милиони евра кредит од Европската инвестициска банка (ЕИБ).
„Ја поврзуваме Бугарија со Србија, ја поврзуваме Србија со Европската Унија, а во таа смисла оваа инфраструктура има стратегиско значење и за Србија и за ЕУ“, кажа шефот на делегацијата на ЕУ во Србија Емануел Жифре кој заедно со претседателите на Србија, Бугарија и Азербејџан симболично го отвори интерконекторот.
Бугарскиот претседател Румен Радев, заблагодарувајќи ѝ се на Србија на ангажирањето во овој проект, кажа дека „денес се менува енергетската мапа на Европа“, бидејќи интерконекторот не е само инфраструктурен потфат туку „претставува гаранција за диферсификација во снабдувањето со гас“, не само за Србија и Бугарија туку и за целиот регион.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев гасоводот го нарече доказ за „пријателството и партнерството“, оценувајќи дека ќе „придонесе на енергетската безбедност на Србија и Бугарија, но и на Европа“.
„Азербејџан до 2027 ќе го удвои својот извоз на гас во Европа, со фокус на повеќе од осум милијарди кубни метри извезени до сега и со намера оваа година да се постигне целта од 12 милијарди кубни метри“, кажа Алиев, истакнувајќи дека тоа е „50 отсто од вкупниот извоз на гас од неговата земја“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека изборните правила не му дозволуваат да одржи говор. „Ние имаме глупави правила кои ги усвоивме во нашата земја дека кога нешто ќе направите за својата земја, тогаш еден месец пред избори не смеете да се пофалите со она што сте го направиле“, кажа Вучиќ.