Според заедничката изјава на муслиманските земји, израелската одлука дозволува процедури за стекнување на земјиште и право на сопственост низ големи делови од окупираниот Западен Брег за прв пат од 1967 година.
Израелскиот кабинет завчера одобри мерки што им го олеснуваат на доселениците купувањето земјиште на Западниот Брег. На израелските граѓани им се овозможува купување земјиште на Западниот Брег и дел од администрацијата на територијата им се префрла на израелските цивилни власти.
Министрите за надворешни работи на Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Индонезија, Пакистан, Турција, Саудиска Арабија, Катар и Египет изјавија дека потегот има за цел да се воведе нова правна и административна реалност за консолидирање на контролата врз окупираната територија.
Тие додадоа дека целта е и да се поткопа решението со две држави, односно да се загрозат перспективите за независна палестинска држава и за праведен и сеопфатен мир во регионот.
Тие нагласија дека одлуката на Израел е „сериозна ескалација со намера да се забрза незаконската активност за населување, конфискација на земјиште, воспоставување израелска контрола и примена на нелегалниот израелски суверенитет над окупираната палестинска територија, како и поткопување на легитимните права на палестинскиот народ“.






