понеделник, 9 февруари 2026

Орбан: Во 1999 година, Клинтон побара Унгарија да ја нападне Србија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека во 1999 година, за време на неговиот прв мандат, поранешниот американски претседател Бил Клинтон побарал Унгарија копнено да ја нападне Србија за да отвори втор фронт среде војната во Косово.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Орбан го изнесе ова тврдење за време на викендот на состанокот на Дигиталните граѓански кругови на Фидес во Сомбатели, пишува Телекс.

Според Орбан, Клинтон побарал Унгарија да ја нападне Србија или „барем да пука на нив од Унгарија преку Војводина па сè до Белград“. Владата на Орбан, како што тврди тој, одбила, а на изречното барање на американскиот претседател тие одговориле со „Не, господине!“. „Да имавме тогаш премиер кој знаеше само да каже „Да, господине“, ќе бевме до гуша во војна“, заклучи Орбан.

Унгарскиот премиер вели дека потоа го прашал Клинтон што ќе се случи со 300.000 Унгарци што живеат во Војводина. Тој тврди дека го предупредил Клинтон и дека на истрелите од една локација ќе се врати со оган и прашал: „Дали треба да дозволиме бомбардирање на Сегед, тоа е планот? Или на Ходмезовашархеј и Мако?“ Орбан рече дека се согласиле да разговараат за тоа лично на самитот на НАТО една недела подоцна, но тврди дека Американците никогаш повеќе не го покренале прашањето.

„Можно е да се каже „не“ кога имате храброст да го сторите тоа“, им рече тој на присутните во Сомбатеј. Додаде дека за неколку години дипломатската историја ќе открие кои канали и информации биле користени за да се убеди американскиот претседател никогаш повеќе да не постави такво барање.

Арон Табор, американски експерт и предавач на Универзитетот Еотвеш Лоранд, реагираше на зборовите на премиерот. Тој истакна дека иако имало некои планови за копнена операција на НАТО за време на косовската војна во 1999 година, немало вистинска политичка поддршка за нив и нема докази дека од Унгарија било побарано да ја нападне Србија.

Табор исто така изјави дека Бил Клинтон ја исклучил можноста за копнена операција на самиот почеток на бомбардирањето на Југославија со цел да се намалат американските и сојузничките жртви. Иако таквата можност се дискутирала во Европа во тоа време, а „Вашингтон пост“ објавил слични планови, лидерите на НАТО, според извештаите од тоа време, категорично негираа дека планирале копнен напад. Табор потсетува и дека во тоа време самиот Виктор Орбан го информирал парламентот дека членките на НАТО сметаат дека копнената операција е толку непотребна што дури и не била вклучена на агендата на самитот.

Ова не е прв пат унгарскиот премиер да изнесува такви тврдења. Орбан и во 2024 година изјави дека „тие“ сакале да ја вовлечат Унгарија во војна, но тој не го дозволил тоа. Неговиот српски сојузник, Александар Вучиќ, тврдеше уште во 2022 година дека, според неговите сознанија, Клинтон барал од Орбан да ја нападне Србија во 1999 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ