петок, 19 декември 2025

Орбан: Успеавме да ја спречиме ЕУ да ѝ објави војна на Русија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека на самитот на Европската унија, Унгарија спречила, како што тврди, „директно вовлекување на Европа во војна со Русија“ и одбила да учествува во финансирањето на Украина преку нов европски заем.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во објава на социјалната мрежа Икс, Орбан изјави дека преговорите во Брисел траеле цела ноќ и дека Унгарија, заедно со своите сојузници, успеала да блокира дел од предлогот поврзан со користењето на замрзнатите руски средства.

„Долга и тешка ноќ е зад нас. Успеавме да го избегнеме непосредниот ризик од војна. Не дозволивме Европа да ѝ објави војна на Русија со користењето на руски средства“, напиша Орбан.

Унгарскиот премиер тврди дека таков план би ја изложил Унгарија на огромен финансиски товар. „Овој план би ја вовлекол Европа во војна и би наметнал финансиски товар од трилион форинти на Унгарија. Успеавме да ги заштитиме унгарските семејства“, рече тој.

Во исто време, тој потврди дека другите земји-членки на ЕУ одлучиле да одобрат финансиска помош на Украина во форма на заем за следните две години.

„Дваесет и четири земји-членки одлучија да доделат воен заем на Украина за следните две години. Доколку Украина не е во можност да го врати овој заем, европските земји ќе мора сами да ја покријат отплатата“, рече Орбан.

Орбан посебно истакна дека Унгарија, Словачка и Чешка не го поддржуваат овој модел на финансирање, нагласувајќи дека соработката во рамките на Вишеградската група е повторно активна.

„За среќа, соработката на В3 е повторно жива. Унгарија, Словачка и Чешка одлучија да не се качат на овој воз. На овој начин, ги поштедивме нашите деца и внуци од товарот на овој огромен заем од 90 милијарди евра“, напиша тој.

Додаде дека уделот на Унгарија во овој заем би изнесувал повеќе од 400 милијарди форинти.

И покрај постигнатиот договор од другите земји-членки, Орбан тврди дека подготовките за војна продолжуваат во Брисел, како што вели тој.

„Лоша вест е дека подготовките за војна очигледно продолжуваат во Брисел. Унгарија останува глас на мирот во Европа и нема да дозволи парите на унгарските даночни обврзници да се користат за финансирање на Украина“, рече тој.

Тој заклучи дека само, како што наведе, „влада на патриоти“ може да гарантира мир и да спречи испраќање унгарски пари во Украина. „Доколку имаше бриселска влада во Унгарија, таа ќе ја турнеше земјата во војна и ќе го трошеше секое евро за поддршка на Украина. Ние не можеме и нема да го дозволиме тоа“, заклучи Орбан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ