Во август Унгарија потпиша нов долгорочен договор за снабдување со гас со руски Гаспром, со кој се гарантираат 4,5 милијарди кубни метри гас годишно во следните 15 години, со можност за промена на договорениот обем на испорака по 10 години.
Договорот стапи на сила во октомври минатата година.
„Би сакал да се испорача поголема количина на гас… отколку што беше одредена со руско-унгарскиот договор за гас“, изјави Орбан за државното радио во петокот.
„Во нашите разговори, со оглед на сегашната тешка ситуација, оптоварена со повисоките цени на енергијата… би сакал да постигнам да се зголеми количината на гас што ни е достапна на долг рок“, додаде унгарскиот премиер.
Унгарските резерви на гас се пополнети на 43 отсто, според податоците на енергетскиот регулатор од 15 јануари, и со очекуваниот увоз ќе покријат 90 отсто од потребите за гас до крајот на зимата, соопшти Унгарското регулаторно тело за енергија и комунални услуги (МЕКХ).
Руските испораки на гас во Европа се доведени во прашање поради тензиите меѓу Русија и Украина. Киев тврди дека Русија подготвува инвазија, што Москва го негира. Западот ѝ се закани на Русија со остри санкции доколку ја нападне соседната земја.
НАТО го засилува своето присуство во Источна Европа, а Унгарија е негова членка, наведува Ројтерс.
Унгарскиот премиер ги отфрли повиците на здружената опозиција да ја откаже посетата на Москва, планирана за почетокот на следната недела, и рече дека со Путин ќе разговара и за европската безбедност, додавајќи дека Унгарија сака мирно решение на украинската криза.
„Се разбира, Унгарија е членка на НАТО и на Европската унија, така што пред секој таков состанок се консултирам и координирам со нашите западни сојузници“, рече Орбан и истакна дека ќе ги продолжи разговорите со западните лидери во наредните денови.
Министерството за одбрана не одговори неделава на прашањето на Ројтерс дали Унгарија ќе прими дополнителни војници на силите на НАТО во наредните недели.






