сабота, 13 декември 2025

Орбан првпат ја навести можноста за излегување на Унгарија од Европската Унија

Објавено на

часот

Сподели

Говорејќи во своето годишно обраќање, кое оваа година го означи почетокот на неговата кампања за парламентарните избори во Унгарија закажани за 3 април, Орбан рече дека ЕУ води „света војна, џихад“ под слоганот владеење на правото.

Во исто време, Орбан на своите поддржувачи во Будимпешта на 12 февруари им порача дека ЕУ треба да покаже „толеранција“ кон Унгарија. Во спротивно, рече Орбан, нема да биде можно да се продолжи по заедничкиот пат.

Орбан во минатото постојано ги напаѓаше, како што ги нарекува, „бриселските бирократи“, но се воздржуваше од закани дека ќе си замине.

Тој зборуваше само неколку дена пред Европскиот суд на правдата (ЕСП) со седиште во Луксембург да донесе одлука за нов механизам што ја поврзува распределбата на средствата на ЕУ со почитувањето на владеењето на правото во земјите-членки.

Унгарија и Полска поднесоа жалба против механизмот, усвоен во декември 2020 година, кој ќе ги исклучи земјите што го прекршуваат владеењето на правото од заедничкиот буџет на ЕУ. ЕСП својата одлука треба да ја донесе на 16 февруари.

Телата на ЕУ и организациите за човекови права го обвинуваат Орбан, кој е на чело на Унгарија од 2010 година, дека ја напаѓа демократијата и владеењето на правото.

Орбан ги осуди обвинувањата, велејќи: „За нив владеењето на правото е средство со кое сакаат да нѐ вовлечат во нешто што личи на нив“.

Сепак, рече Орбан, Унгарија сака да ја задржи ЕУ заедно „и покрај растечкото културно отуѓување“.

Затоа Будимпешта постојано му дава „понуди на толеранција“ на Брисел, рече тој.

„Нема друго решение, само толеранција. Само така можеме да најдеме заеднички пат“, продолжи Орбан.

Околу 80 отсто од Унгарците се за членство на нивната земја во 27-члениот блок.

Орбан првпат се соочува со обединета опозиција на претстојните избори, а анкетите на јавното мислење предвидуваат тесна трка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ