Во објава на социјалните мрежи, Орбан изјави дека украинскиот премиер Володимир Зеленски сака да ги добие овие пари од Брисел, додека Брисел, како што тврди, планира да го префрли товарот врз земјите-членки на Европската Унија, вклучително и Унгарија.
Орбан откри дека на вчерашната седница на унгарската влада бил слушнат извештајот на министерот за европски прашања Јанош Бока, во кој детално е објаснето како Брисел ќе ги распредели бараните 800 милијарди долари и од кои извори ќе се обезбедат средствата.
„Ете, толку значат тие 800 милијарди долари што украинскиот премиер сака да ги извлече од Брисел. А тие пак сакаат од нас. На вчерашната владина седница го слушнавме извештајот на Јанош Бока за тоа како Брисел ќе ги распредели тие 800 милијарди долари и од кои извори ќе се обезбедат средствата. Резултатот е исклучително застрашувачки“, рече Орбан.
Според него, таканаречените „бриселски декрети“ за Унгарија би значеле укинување на 13-та и 14-та пензија, постепено укинување на семејните бенефиции и воведување прогресивен данок на доход, што дополнително би ги оптоварило унгарските даночни обврзници.
„Сето ова за да има како да се платат украинските режиски трошоци“, додаде унгарскиот премиер.
Орбан рече дека Унгарија го отфрла таквото сценарио и најави дека извештајот на министерот Бока ќе биде објавен во целост.
„Па, тоа е она со што ние Унгарците не се согласуваме. Ќе го објавиме извештајот на министерот Бока затоа што унгарските семејства имаат право да знаат каков план Брисел се обидува да им наметне“, рече Орбан. Тој додаде дека унгарските граѓани ќе можат да избираат „помеѓу бриселскиот пат и патот на мирот“ на парламентарните избори во април.






