понеделник, 6 април 2026

Орбан на границата со Србија: Проверуваме дали сè е во ред на унгарска страна (ВИДЕО)

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес објави на социјалните мрежи дека е на унгарско-српската граница за лично да провери дали сè е во ред со гасоводот на унгарска страна, откако Србија еден ден претходно објави дека пронашла експлозиви на својот дел од гасоводот.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

„Вчера се обидоа да го дигнат во воздух гасоводот на српска страна. Проверуваме дали сè е во ред на унгарска страна“, рече Орбан во објава на Фејсбук.

Експлозивот, за кој објави српскиот претседател Александар Вучиќ, го пронајде Србија во близина на Кањижа, во близина на унгарската граница, а директорот на Агенцијата за воена безбедност Ѓуро Јованиќ во неделата изјави дека службата претходно имала информации дека некои воено обучени мигранти ќе се обидат да ја саботираат гасната инфраструктура, како и дека пронајдените експлозиви се произведени во Соединетите Американски Држави.

Овој гасовод е поврзан со мрежата што транспортира руски гас до Турција, а потоа до Централна Европа.

Дел од унгарската јавност верува дека ова е политичка игра со цел да му помогне на Орбан пред клучните општи избори на 12 април во Унгарија. Националистот Орбан се бори да го задржи своето повеќе од 16-годишно владеење на изборите, а неговата партија заостанува зад опозициската партија Тиса на анкетите.

По вчерашниот состанок на Унгарскиот совет за одбрана, беше објавено дека армијата ќе го заштити унгарскиот дел од гасоводот, а унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, посочи дека Украина стои зад поставувањето експлозиви во близина на делот од гасоводот во Војводина.

Русија, исто така, во неделата сугерираше дека Украина е одговорна.

„(Украина) се обидува да ја лиши Унгарија од суверенитетот“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, за новинската агенција ТАСС, додавајќи дека за тоа ја користи енергијата, „обидувајќи се да ја спречи Унгарија да добива висококвалитетни ресурси по разумни цени“.

Министерството за надворешни работи на Украина вчера го отфрли „секој обид за лажно поврзување“ на Украина со експлозивите пронајдени во близина на гасоводот во Србија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ