„Четири години не можевте да го прифатите ставот на суверената унгарска влада и унгарскиот народ за руско-украинската војна. Четири години работите на тоа да ја принудите Унгарија да учествува во војната меѓу вашата земја и Русија“, напиша Орбан.
Во писмото, тој тврди дека Зеленски, Брисел и унгарската опозиција „ги координираат напорите“ за да донесат „проукраинска влада“ на власт во Унгарија.
Орбан го обвини Зеленски за „блокирање на нафтоводот Пријателство“, односно нафтоводот Дружба, за кој рече дека е клучен за снабдувањето на Унгарија со енергија.
„Вашите постапки се против интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и прифатливо снабдување со енергија за унгарските семејства. Затоа, ве повикувам да ја промените вашата антиунгарска политика“, рече Орбан.
Open Letter to President Volodymyr Zelenskyy
Mr. President,
For four years, you have been unable to accept the position of the sovereign Hungarian government and the Hungarian people regarding the Russia–Ukraine war.
For four years, you have been working to force Hungary into…
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) February 26, 2026
Тој додаде дека Унгарците „не се одговорни за ситуацијата во која се наоѓа Украина“, дека сочувствуваат со украинскиот народ, но дека „не сакаат да учествуваат во војната“, „не сакаат да ги финансираат воените напори“ или „да плаќаат повеќе за енергија“.
„Ве повикувам веднаш да го отворите нафтоводот Пријателство и да се воздржите од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија. Повеќе почит кон Унгарија!“, заклучи Орбан во писмото датирано во Будимпешта на 26 февруари 2026 година.
Писмото на Орбан доаѓа пред унгарските парламентарни избори закажани за април, на кои тој се соочува со својот најсилен предизвик во последните 15 години. Според најновите анкети, опозицискиот блок предводен од Петер Маѓар убедливо ја води владејачката партија Фидес на Виктор Орбан.
Орбан сè посилно ја гради својата кампања врз спротивставување на Брисел и Украина, претставувајќи се како заштитник на енергетските и националните интереси на Унгарија и противник на понатамошната воена и финансиска поддршка за Киев.
Унгарија претходно блокираше или забавуваше одредени одлуки на Европската Унија поврзани со помошта за Украина, а Орбан се позиционираше како најблизок партнер на Кремљ во рамките на ЕУ. Отвореното писмо до Зеленски е дел од политичкото свртување кон остра анти-ЕУ и анти-украинска реторика во последните фази од изборната кампања.






