„Руските воени акции на источната граница на Европа нè доведоа до раб на војна“, се наведува во завршното соопштение објавено по состанокот на суверенистички и крајно десничарските европски партии кое го прочита портпаролот на шпанската партија Вокс, Хорхе Бусаде.
„Солидарност, решителност и соработка, кога станува збор за одбраната, се нужни меѓу европските народи кога се соочени со такви закани“, се вели во соопштението во кое се осудува „неефикасноста на дипломатијата на Европската Унија“.
Француската претседателска кандидатка Марин ле Пен одбила да го потпише завршното соопштение, кажувајќи дека не постои ист став околу украинската криза. Ситуацијата околу Украина била една од главните теми на состанокот.
Додека официјален Париз разговара со Москва обидувајќи се да ја смири ситуација, а Берлин одбива да му испорача оружје на Киев, Орбан и Моравјецки од своите сојузници во суверенистичкиот и крајно десничарскиот табор побараа формирање заеднички фронт.
„Ние Унгарците и Полјаците се обидовме на своите пријатели да им објасниме дека за нив, ако живеат во Мадрид, она што се случува на руско-украинската граница нема негативни последици, но за нас во централна Европа тоа е многу важно прашање“, кажа Орбан. „Затоа повикуваме сите да се заложат за мир и попуштање на тензиите“.






