сабота, 14 март 2026

Орбан: Европа нема да ја преживее кризата без евтина руска нафта

Европа нема да може да ја надмине енергетската криза без повторна достапност на руската нафта, изјави денес унгарскиот премиер Виктор Орбан, повикувајќи ја Европската Унија да ги укине санкциите врз рускиот енергетски сектор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во видео обраќање емитувано на унгарската телевизија, Орбан рече дека конфликтот на Блискиот Исток предизвикал недостиг на суровини и нагло зголемување на цените на горивата низ цела Европска Унија.

„Европа, како и целиот свет, нема да може да ја надмине нафтената криза без помош на евтината руска нафта“, рече Орбан, додавајќи дека САД веќе почнале да ги ублажуваат некои мерки, додека, како што изјави, политиката на санкции не се променила во Брисел.

Според него, последиците од санкциите се видливи во зголемувањето на цената на горивото во европските земји. Тој изјави дека еден литар бензин во Австрија веќе чини околу две евра, во Германија повеќе од две евра, додека во Холандија цената е повеќе од 2,5 евра.

Орбан рече дека унгарската влада нема да дозволи такво зголемување на цените во својата земја.

Владата во Будимпешта претходно воведе ограничување на малопродажните цени на горивата, според кое цената на бензинот од 95 октани е околу 1,5 евро за литар, додека цената на дизелот е околу 1,6 евра.

Унгарија претходно ја повика Европската Унија да го следи примерот на САД и да ја суспендира забраната за увоз на руска нафта.

Во меѓувреме, Министерството за финансии на САД ги укина санкциите за продажба на руска нафта и нафтени деривати натоварени на бродови пред 12 март. Според општата лиценца издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК), ваквите трансакции ќе бидат дозволени до 11 април.

Министерот за финансии на САД Скот Бесент изјави дека оваа одлука може да ја зголеми количината на нафта на светскиот пазар и да придонесе за намалување на цените на суровата нафта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ